Колекциите на модниот бренд Делпозо од сезона во сезона се сѐ подобри и подобри, а естетиката на дизајнерскиот тим достигна совршенство во новата колекција.
Овој пат, тие понудија неверојатно избалансиран колорит кај парчињата, фасцинантни конструкции кои иако сложени, изгледаат како да се направени многу лесно и едноставно.
Во новата колекција за пролет/лето 2017 година, креативниот директор на шпанската модна куќа Џозеф Фонт уште еднаш покажа дека е супер креативен и дека секогаш знае да понуди совршени парчиња.
Без разлика дали сте романтичарка, секоја девојка мора да признае дека она што го прави модната куќа е навистина беспрекорно добро.
Покрај неодоливите форми кои овој пат се поставени на слатките џемперчиња, елеците, здолништата, костимите, кошулите и пролетните палта, модната куќа нуди и прекрасни топли бои во кои уживањето е гарантирано.
Како и секогаш, на пистата можевме да видиме совршено скроени ѕвонести ракави, здолништа со висок струк и интересни форми во долниот дел, прекрасна симетрија кај крутите материјали, но и неверојатно добро обликувани нежни ткаенини со фантастични украси.
Во новата колекција модната куќа прави баланс на бои како портокалова и лаванда, жолта и розова, а притоа не предизвикува хаос или одбивност кај моделот.
Што се однесува до деталите и накитот, како и во секоја друга колекција, така и во оваа можевме да уживаме во фантастични рамни чевли, впечатливи обетки, прекрасни везови и секогаш минимална шминка и едноставни фризури.