Fashionel редовно ве информира за актуелностите од Лондон додека трае модната недела. Вчера беше четвртиот ден, кога се претставија петнаесет дизајнерски имиња, а во списокот беа токму едни од најреноминарите вклучувајќи ги: Том Форд, Ердем, Антонио Берарди, Барбери и многу други. Во продолжение прочитајте чии колкции ни оставија најголем впачаток.
Антонио Берарди
Архитектонски елемент со спротивставени текстури
Поранешниот асистент на Џон Галијано, Антони Берарди, вчера на Лондонската модна недела се претстави со колекција препознатлива за неговиот дизајнерски сензибилитет. Дизајнерот својата замисла за гардеробата на жените од следната зимска сезона ја гледа преку чисти линии, строги но и широки кроеви, што основата ја имаа во црно- бел принт надополнет со контрастна зелена. Колекцијата е сочинета од макси фустани, корсети, капути со пеплум и кратки фустани збогатени со детали што дизајнерот негува да ги практикува. Очигледно Берарди сакал да го пренесе архитектонскиот елемент кој беше постигнат во спој со спротивставени текстури, како сива волна, сатен и металик материјали. Целосниот изглед на манекенките е заокружен со сексапилните отворени чизми над колена со многу врвки, што всушност го отсликуваат необичниот дизајнерски пристап на Берарди, кој во секоја колекција има „откачени“ креации и аксесоари.
Барбери Prorsum
Уметност сочинета од многу боја
Капути, мантили, лелеави макси фустани, актуелните наметки-ќебиња во индијански стил, за сите заедничко беше тоа што беа како сликарско платно. Дизајнерот Кристофер Бејли на лондонската модна недела, од славниот бред Барбери, презентираше ведра и весела колекција за сите љубители на контрастите, принтовите и пред се слоевитоста. Овој голем бренд следната зимска сезона, жената ја актуелизира во креации што со сигурност ќе го освежат зимското сивило. Нежните избледени потфати со четка беа очигледни од префинетите апстрактни декорации, кои умешно имплементирани во слоевитост привлекоа големо внимание кај сите присутни. Дефинитивно нам ни се допадна моментот со впечатливата колоритна марама поставена врз фустаните и палтата, интересно врзана со тенок ремен. Освен женските креации на писта се појавија и неколку машки модели кои беа речиси во ист фазон како и женските.
Том Форд
Милимализам и дресови преобразени во фустан
Американскиот дизајнер Том Форд е препознатлив по неговиот минималистички дизајнерски пристап, па така и овој пат тој во Лондон презентираше колекција од која најмногу беа застапени црно-белите класични варијанти од миди молив здолништа, ролки и сакоа. Но, Форд за наредната зимска сезона жената освен во едноставна елегантна варијанта ја замислува и во спортски необичен елемент. Сега спортските дресови станаа фустани со шљокици од кои во предниот дел стои бројот 61, кој всушност е годината на раѓање на Том. Изненадувањата не застанаа тука, на писта се појавија и леопардов принт, црвено и црно кадифе и крзно.
Ердем
Боја, оптимизам и необичности
Креации како уметнички дела инспирирани од големиот Шпански сликар Диего Валаскез, и принт цветови од ботаничката градина на британскиот ботаничар Вилијам Килбурн. Очиглено канадскиот дизајнер Ердем ја обожава историјата и благородничкиот изглед, па така од креациите преовладуваа многу везови и необичен спој на кадифето. Преку строгите линии и кроеви, дизајнерот облеката за следната зима не ја гледа толку темно, па на писта можеа да се видат и цветните принтови аплицирани на американ сатен.
Роксанда Илинчиќ
Комбинација на педесетите со апстрактната уметност и фолклорна приказна
Урбана модерна приказна испреплетена со многу боја, вака дизајнерката Роксанда ја замислува облеката за наредната зима. Инспирирана од 50-те, таа на писта презентираше впечатлив колорит од пастелни, но и силни нијанси. Предимензионирани капути, елеци,тесни и широки здолништа, макси фустани, сите со едноставни линии, но во дел од нив со имплементиран половичен пеплум на едната страна, најчесто на фустани и здолништата и нагласената половина со металик златен ремен. Мозаичните блокови и прекршените форми беа најзначајни од најновата колекција на Илинчиќ која дури и крзнените бунди ги изработи токму во таква техника.
Питер Пилото
Весела зима на дуото Питер и Кристофер
Како млад и надежен тим Питер и Кристофер откако добија награда од 200 илјади фунти и менторска поддршка, резултатот од истата веќе го спроведоа на писта. Во Лондон тие прикажаа колекција инспирирана од хибриди и фузија, играјќи со идејата на контрасти и крајности. Енергична и забавна колекција од строги силуети. Здолништата, палтата и фустаните беа мозаично украсени со шарени камења кои дополнително го одвлекува вниманието. Искористени се и планинските пејсажи кои како принтови беа аплицирани од необичните лелеави фустани со слоевитост во долниот дел.