Последниве неколку години светот драстично се промени. Но, не и визијата на Ралф Лорен за добар живот.
82-годишниот дизајнер со шест децении кариера нема потреба да се докажува, едноставно креира за себе.
Сѐ она што е негова препознатливост видовме и во новата колекција презентирана вчера во Музејот на современа уметност во Њујорк.
Без експерименти, со една чиста визија пред себе – елеганција.
Ревијата ја отвори Џиџи Хадид со плетен џемпер со монограм на брендот, најавувајќи шоу во кое луксузот е сведен на најелегантна форма.
Отмен и прочистен приказ на американската мода, димензија која е универзална и безвременска. Одела во слоевити сетови со плетени џемпери, кошули и ролки, во машка и женска верзија – за дами и господа.
Црно, бело, сиво со црвени акценти, дури и палетата на бои ја следи чистината во модниот израз.
Вториот дел од ревијата е резервиран за гламурозни вечерни изгледи, но повторно во суптилно спакуван луксуз, во смирени силуети, со интересен сплет на материјали од плетенини до нежна свила и повремено дискретни светки.
43-годишната Летиција Каста се врати на писта токму за шоуто на Ралф Лорен, кој ја запознал кога таа имала само 13 години и уште тогаш ја охрабрил со зборовите „ти ќе бидеш ѕвезда".
Топ моделот носеше елегантен плисиран фустан со суптилни светки, голи рамена и потенциран струк, што ја дефинира женственоста во секоја смисла.
Целата колекција погледнете ја во галеријата во продолжение.