Машката модна недела во Париз заврши со шоу на брендот „Dior Homme“. Покрај претставените креации и трендови, она за што се зборуваше најмногу е појавувањето на писта на дел од најпопуларните машки модели од 1990-тите.

Она што „Версаче“ го направи со женските модели во Милано, „Диор“ го искористи со машките. И покрај тоа што е веќе употребен концепт, вниманието што успеа тимот на оваа модна куќа да го сврти беше големо. Сепак се работи за едни од најдобрите фраери од 1990-тите кои одамна никој не ги видел на сцена, односно писта.

Камерон Алборизијан

Ревијата ја отвори Камерон Алборизијан, британски модел со ирско потекло. Оние од малку повозрасните генерации, ќе го препознаат и од спотот на Мадона „Express Yourself“. Тој денеска е познат фитнес гуру (Јоги Гуру, или уште попознат како Јоги Камерон).

На пистата се појавија и холандскиот Марк Вандерлу, кој сè уште повремено работи како модел, исто како и Алан Госуен, додека Арно Лемер е презентер на француска телевизија, а Британецот Џејмс Русо го замени моделството со актерство.

Џејмс Русо

Сите заедно ја прифатија поканата на главниот дизајнер на куќата, Крис ван Ашен, да се потсетат уште еднаш како беше пред дваесетина години и повеќе. Инаку, овие пет мажи некогаш беа главните лица на брендови како „Калвин Клајн“, „Томи Хилфигер“ и „Диор“ и претставуваа машки пандан на женската петорка – Клаудија Шифер, Синди Крфорд, Наоми Кембел, Хелена Кристенсен и Криси Тарлингтон.

На ревијата на „Диор“ покажаа дека сè уште одлично умеат да ја работат оваа работа, а и денес изгледаат еднакво атрактивно и професионално како и во славните 1990-ти.

Марк Вандерлу

Иако, можеби ефектот од ова шоу нема да биде идентитечн на она на „Версаче“, што беше прогласено и за нај моден момент за 2017 година, сепак не може да се намали нивната впечатливост и посебност.

Што се однесува до она што дизајнерот го понуди како тренд кога е машкото облекување во прашање, струкираните и остри кроеви доминираат. Покрај моделите, Крис сакаше и на овој начин да го стави фокусот на враќањето кон корените.

Алан Госуен

Со оглед на тоа дека Кристијан Диор често го инспирирала облеката на офицерите, референците на таа естетика не изненадуваат. Ситните дворедни, односно асиметрични закопчувања и тесните ревери е она што ќе го забележите речиси кај секое одело, со струкиран крој.

Наспроти таа линија, се широките џинс панталони, во комбинација со блуза и маица, тотално ретро-момент, кој дизајнерот го враќа во денешницата.

Смелите принтови исто така се на сцена, како и марамата и крзното како доминантни модни детали кај мажите.

Арно Лемер

Погледнете како изгледа целата ревија, како и моделите кои некогаш важеа за секс-симбол, а и денес, речиси во своите 50-ти, можат да им парираат на актуелните.

Инаку, Париз веќе од вчера е во знакот на Високата мода, па претстојните четири дена ќе поминат во знакот на уникатни креации и уметнички израз, за што секојдневно ќе ве известуваме.

Објавено:
22 јануари 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
676 пати