Кога Гарет Пју промовира колекција, никој не очекува тоа да биде регуларно шоу. Напротив, секогаш од него се очекува драма надвор од границите на конвенционалното.
Неговата последна колекција за сезоната есен-зима 2017 неодамна промовирана на Лондонската модна недела беше вистинско андерграунд модно патување со сите авангардни обележја на еден млад, британски прогресивен дизајнер.
„Заканувачка, дури и непријатна атмосфера се ширеше низ публиката за време на неговото шоу", напиша во својата критика Сузи Менкес.
Авангардниот моден дизајнер ја искористи презентацијата на својата колекција за да на еден генијален начин упати критика кон глобалната современа политика, особено кон онаа што во моментов е актуелна во САД. Оваа колекција е еден вид негова експресија не само во естетска, туку многу повеќе во општествена одговорна и етичка смисла. Во позадина на модната писта, се слуша Build that wall реферирајќи на политиката на Доналд Трамп.
Преку мрачниот колорит што впрочем речиси секогаш е присутен во колекциите на Пју, е рефлектирано ужасувањето на дизајнерот од целиот терор, несигурност и страв што владее во светот.
Посебно внимание дизајнерот посветил на играта со геометриските форми, до совршеност скроени, што е одлика на прецизната естетика на Пју.
Бескомпромисна, својствена, карактерна колекција.