Главниот принцип на основачот на модната куќа Валентино, Валентино Гаравани, отсекогаш бил создавање облека која ќе прави жените да се чувствуваат убаво. Тој самиот рекол „Знам што сакаат жените. Тие сакаат да бидат убави." Па така, повеќе од пет децении, Валентино ја опсипува својата клиентела во гламур и убавина, а дизајнерите на истоимената модна куќа, денес ги следат неговите чекори.
Последната ревија на есенска колекција претставена од дизајнерот Пјерпаоло Пичоли, симболично именувана „Почеток", која се одржа минатата недела на Шпанските скали во Рим, претставува вртење кон почетоците на Валентино. Идејата на Пичоли за оваа ревија беше да започне онаму каде што беше лоцирана оригиналната „sartoria di Alta Moda", со модели кои храбро се спуштаа по 136-те лизгави скали за да стигнат до Palazzo Mignanelli, опишувајќи ја ревијата како „затворање на кругот".
- По 23 години работа за оваа модна куќа, почувствував потреба да разберам колку од мене има во денешниот Валентино и колку од Валентино има во мојот идентитет. - вели Пичоли. - Ова е идеален разговор со лексиконот на куќата, што сакав да го направам на посвесен начин. И знам дека зборувањето за почетоци звучи оксиморонично, но јас така се чувствувам, бидејќи секој почеток носи идеја за ветување и за иднината. Ова е, исто така, концепт својствен за практиката на мода, бидејќи модата е континуиран почеток, бидејќи секогаш треба да се започне одново, без однапред одредени обрасци или мапи. Истиот дизајн може да се толкува на сосема различни начини шест месеци или шест години откако е креиран. Она што ја прави разликата се луѓето што го носат, човечкиот пристап - и тоа е приказната што сакам да ја раскажувам. - додава тој.
Покрај убавината и гламурот кои се сеприсутни во креациите на Пичоли, невозможно е да се игнорира неговиот јасен политички глас, особено звучен (и видлив) преку оваа последна спектакуларна и софистицирана колекција, земајќи го предвид неоспорниот богат диверзитет во кастингот на моделите.
- Верувам дека моја одговорност како моден дизајнер е да сведочам за времињата во кои живееме. - вели тој. - Мислам дека убавината има моќ да се пробие, да ги допре луѓето и нивната совест. Заземањето радикално држење преку силна нарација и преку прикази на свет кој се менува има влијание и дава видливост на вредностите што треба да се заштитат. Верувам дека модата може да биде политичка.
Моделите на Пичоли припаѓаат на различни возрасни групи, имаат различна расна припадност и сексуална определба. На Шпанските скали зачекорија модели со различни градби на тело и кожа покриена со тетоважи, а она што некогаш би се сметало за недостаток или маана (пример: витилиго) , беше потенцирано како знак на уникатност и убавина.
- Модата се разликува од уметноста, по тоа што уметноста само си служи себеси, додека модата треба да се справи со телото; затоа модата може да има силен збор за општествените прашања како што се прифаќањето на различноста или залагањето за човекови права. - вели Пичоли, чиј пристап кон модното креирање исто така ги брише и границите помеѓу родот и полот. Неговите креации немаат женски или машки етикети. - Радикалната визија оди против сите антидемократски идиотизми што светот ни ги фрла. Да се биде наметлив во создавањето убавина не е ескапизам, туку единствен начин да се бориш против конзервативизмот. И давање платформа на луѓе кои се сметаат на периферија за мене е должност.
Фото: Vogue