Претпоследниот ден на њујоршката модна недела беше вистински празник за очите. Со свои ревии се претставија некои од најпочитуваните дизајнери во модата како Мајкл Корс, Маркеза, Проенза Скулер, Хуго Бос, Џереми Скот и уште неколку други. Во нивните колекции можеше да се види палета од навистина свежи бои, покрај задолжителните монохроматски, за кои веќе знаеме дека ќе бидат ултра голем хит следната сезона. Што се однесува до моделите, на пистата можевме да видиме женски костими скроени сосема совршено, многу крзо преточено во шармантни бунди, но и елегантни и луксузни фустани за специјални прилики. Џереми Скот во свој стил имаше навистина спортска колекција, но подеднакво одлична како и останатите.
Проенза Скулер
Со зборовите енергија, хумор, боја, инстинкт и спонтаност, на најдобар начин може да се опише колекцијата есен/зима на двајцата големи креативци на брендот Проенза Скулер. Двајцата одлични момци колекцијата ја опишаа како навистина забавна, со свежи бои, која ја опишува креативната и енергична страна на животот. Па така, скоро сите парчиња на брендот беа навистина колоритни и со одлични комбинации на бои за кои не сме помислувале дека изгледаат одлично заедно. Зимските капути беа неверојатно добри, здолништата сосема секси, фустаните претерано мистични. Чевлите со кои се претстави брендот беа рамни во црна, бела и сина комбинација. Буквално сите парчиња од брендот беа одличен производ на богатата имагинација на главните момци од брендот.
Хуго Бос
Одлична, одлична и само одлична! Колекцијата есен – зима 2014/2015 на брендот Хуго Бос се чини дека ќе биде вистински хит. Откако тие го најмија Џејсон Ву, сите беа во големи очекувања што тој ќе направи за да го „спаси“ брендот на берзата. Омилениот дизајнер на Мишел Обама работеше со свила, кашмир, волна и крзно и создаде беспрекорна колекција за која доби сосема позитивни критики. Тој создаде одлични женски костими со малку поинаков крој, но сосема тренди и шик. Долгите зимски палта, но и кратките зимски костими со здолништа и панталони беа навистина носливи и совршено скроени. Како што и се очекуваше, големиот романтичар создаде и шармантни фустани, сосема солидни и во свежи бои, но сепак според некои од критичарите, несоодветни за оваа колекција. Единствениот заклучок е дека Џејсон Ву имаше одличен старт за големиот Хуго Бос.
Маркеза
Џорџина Чапман и Карен Крег очигледно е дека имагинарно отпатувале во романтичните шкотски краеви од каде се инспирирале за нивната прекрасна есенска колекција. Традиционалниот вечерен долг фустан беше темата на дизајнерките, со кој тие си поиграа на милион различни начини. Свилениот шифон може да се каже дека беше најприсутен на пистата, но подеднакво прекрасни беа и неверојатната тантела што можевме да ја видиме на неколку модели, но и крзното и пердувите не изостануваа. Чевлите на моделите беа навистина тренди и шик, со врвки, но имаше и такви што беа навистина елегантни во согласност со луксузните фустани.
Џереми Скот
Game on! Џереми Скот во сосема спортски дух ја претстави својата есенска колекција за мажи и жени со атлетичарски дух. На пистата можеа да видат долги плетени џемпери во „џерси“ стил, кожени панталони и други парчиња, шарени блузички кај девојките во комбинација со куси тренди здолништа со одличен принт, но и супер патики од соработката со Адидас, како и штитници за нозете поставени на неколку места.
Мајкл Корс
Кога би биле под притисок и би морале да избереме една најдобра од сите вчерашни колекции, (без Хуго Бос во конкуренција), тогаш тоа дефинитивно би била колекцијата на Мајкл Корс. Со миленичката Блејк Лајвли во првите редови, дизајнерот претстави колекција од соништата. Сите парчиња од колекцијата беа неверојатно носливи за вистинската жена во вистинскиот живот. Дизајнерот уште еднаш ја покажа огромната љубов што ја чувствува кон жените, со создавањето на неверојатно секси и елгантни парчиња со доза забава во нив. Скоро во секоја комбинација дизајнерот вметна малку крзно со кое дополнително ја истакна женската елеганција. Панталоните со неверојатно добар крој, женските волуменозни палта и капути, но секако и пелетените џемпери блескаа на пистата. Што се однесува до боите, Корс за следната сезона ја предлага сивата како кралица на сите бои, но и црната, белата и помалку сина и бежова боја. Единствениот заклучок е дека следната сезона ние дефинитивно сакаме да бидеме луксузната девојка што Мајкл Корс ја претстави на модната писта.