Водена по сопствените идеали, секоја жена посакува да биде посебна, грациозна и моќна, а во исто време толку нежна, романтична, сензационална и гламурозна - токму таква беше жената од креациите на модната куќа Елена Лука, претставени на втората вечер од Модниот викенд Скопје. Колекцијата насловена Golden reins (Златни узди), вчеравечер остави свој печат во македонската мода, преку женската елеганција насочена според правилата на светската мода, но со автентичинен екстравагантен пристап. Ова е ревија за која сигурно ќе се зборува, токму поради тоа што понуди комплетна колекција како создадена за задоволување на сите женски модни апетити. Претставена во специјално кореографско светло и препознатливиот обемен дизајнерски пристап на реномираниот бренд, така и оваа колекција се претопи во уште еден оригинален и издржан моден проект. Насочени од музиката, амбиентот и креациите, за момент се почувствуваме како да сме на некое друго место и во некое друго време, ставени пред моќта и магијата што жената може да ги донесе преку облеката.
Специфичната конструкција, неоптоварената линија, чистата форма и деталите од целосниот изглед на писта, беа одраз на посветеност и внимателна селекција на луксузни материјали и посебни техники, кои пак ги ставија креациите во редот на високата мода. Коктел фустаните, панталоните, кошулите, палтата и комбинезони, беа презентирани во почетокот од ревијата како увертира за нослив фазон, но сепак со луксузен дизајнерски пристап кон ready to wear парчињата. Следуваа кулминативни раскошни тоалети со специфична игра на кроеви, везови, орнаменти, обработена тантела, кои пак ни ги доловија највисоките модни стандарди. И кога помислевме дека дефилето го означи крајот, не изненади уште еден раскошен црвен фустан со златни апликации кај градите и гламурозен брановиден шлеп во задниот дел, кој воедно ја заокружи целата замисла за доминантноста на колекцијата. Кога се материјалите во прашање беа употребени свила, органтин, жоржет, тантела, кожа, тафт и металик ламе.
Дел од креациите беа дополнети со украсни камења и златни плочки со логото на брендот. Здолништата што имавме можност да ги видиме на пистата беа претежно во А-крој и актуелните пенкало форми, а посебно внимание привлекоа транспарентните кошули врз кои беа поставени златни апликации со што се доби впечаток на интересен и убаво дозиран принт. За луксузниот ефект придонесоа и боите, кои најчесто беа контрастно комбинирани како бела со златна, црна со златна, но имаше и еднобојни парчиња во беж нијанса, црна како и металик златна и сребрена изработени од ламе. Она што ние би го истакнале посебно, беа фризурите во кои беа вметнати украси за коса изработени од златно црна тантела кои асоцираа на уздите. За сите 49 аутфити специјално беа изработени и чевли и мини чанти во црна и бледа златна боја, со што колекцијата доби комплетен личен печат. Сопственичката на брендот, Елена Пандева-Китрозоска за Fashionel изјавува дека верува во убавата иднина на колекцијата „Golden reins“.
-Се надевам дека публиката веќе и проговори за тоа што го виде овде вечерва и разменија со мене некои мислења и идеи. Морам да бидам искрена и да кажам дека музејот е еден специфичен простор за да се организира една ревија и имаше мали технички специфичности кои што требаше некој да ги решава. Мојот тим беше мошне ангажиран и сметам дека на крајот комплетниот производ не беше лош. Колекцијата е таа што е, изработена е на високо ниво, користени се многу добри и квалитетни материјали, како тантела, свила, органтин и преубава конструкција па мислам дека севкупно беше добро, иако јас секогаш велам дека може да биде и подобро. Имам омилени парчиња, за мене тоа што претставува уметност во модата или високата мода е нормално секогаш поинспиративно. Облеката што е комерцијална е убава, конкретно тимот нашите модели ги облагороди со оригиналност и уникатност. Сепак, тие што беа висока мода се уметност и секогаш ми се инспиративни затоа што се тешки во кројот и во изведбата - носат приказна во себе, на цела енергија на дизајнерот, моделарот, на цела екипа, зашто моделот минува низ многу раце и јас ја чувствувам токму таа тежина и убавина. Тие модели ги почитувам многу - вели Елена и додава дека интересот на публиката од година во година се повеќе се зголемува, а пак купувачите веќе активно ги полнат првите редови.
-Секако дека има се повеќе купувачи, но морам да кажам дека и таа стандардна постава која што беше публика на Елена Лука од првиот ден и денеска е застапена и само ја надградуваме. Просторот овде е лимитиран и моравме да го намалиме бројот на публиката и нека ми простат сите кои што не можеа да бидат дел од ова модно шоу, ветувам дека во наредна пригода ќе обезбедиме поголема локација - изјави Елена.
На прашањето каква иднина ја очекува Golden reins таа вели:
-Според реакциите од луѓето што ги слушнав и што беа на ревијата, веќе има интерес за купување на одредени парчиња и мислам дека ја чека многу позитивна иднина. Имаме парчиња што се redy to wear кои ќе се најдат во продажба во нашите салони веднаш по претставувањето. Размислувам како ќе се одвива понатаму колекцијата, инаку ова беа навистина уникатни модели, направени специјално за ова шоу, а за понатаму ќе видиме - завршува сопственичката.
На модното шоу присуствуваа голем број познати личности од повеќе сфери на јавниот живот, меѓу кои бизнисмени, пејачи, водители, менаџери, соработници, а дел од нив ги споделија своите впечатоци.
-Малку поразлично и невообичаено од она што досега сме виделе на нашите ревии со интересни детали, неоптоварени линии на самата креација, ми се допадна бидејќи имаше чистина на целата вечер, една приказна, но проследена со новини кои допрва ќе следат. Бидејќи гледам во попрактичниот дел, нормално, кошулите најмногу ми се допаднаа. Доколку би се одлучила за некоја креација тоа би биле тие. Апликациите на панталоните се навистина штосни, може да се комбинираат и за работен дел и за прием или за некоја друга свеченост - изјавува Васка Леонтиќ.
-Новата колекција ми се допадна многу, таа беше нешто поразлично од она на што досега сме навикнале, ми се допадна што беше целосно компонирана со музиката, со чевлите, со чантите, буквално цел еден комплет, кој беше задоволство да се следи. Имаше две работи од колекцијата кои што многу ми се допаднаа и би сакала да ги имам. Се работи за две здолништа – едното беше бело со златни детали, а другата долго црно здолниште, вели Вики Ристоска.
Меѓу гостите во публиката што ја дадоа поддршката на Елена Лука беа и водителките, Ирена Спировска, Ели Танаскоска, Билјана Дебарлиева и Татјана Стојановска, кои велат дека погледнале колекција што им оставила огромен впечаток, а веќе се замислиле и во одредени парчиња.
-Како и вообичаено, прекрасно. И овој пат видовме стил препознатлив за Елена Лука, многу гламур, елеганција, навистина женствени модели во кои мислам дека секоја дама би се чувствувала прекрасно. Повеќе од нив би можела да си ги замислам и на себе. Покрај прекрасните вечерни фустани што ги видовме, особено ми се допаднаа оние комбинации со панталони и кошули, практични да се носат и во секојдневието кога сакаме да бидеме елегантни и препознатливи, а истовремено можат одлично да се искористат и за некои вечерни пригоди, вели Ирена Спировска, а на неа се надоврзаа и презентеркте Дебарлиева и Стојановска кои велат:
-Јас си поминав прекрано се чувстував како на театарска претстава, бидејќи и кореографијата и музиката си направија еден поинаков амбиент и беше невообичаена модна ревија, моделите беа прекрасни во златно црно и златно бели нијанси, а тоа се всушност боите кои никогаш не излегуваат од мода и се секогаш во тренд. Навистина убави комбинации за секакви пригоди и секоја чест на Елена и на нејзиниот тим за она што имавме можност да го видиме. Имаше и посвечени тоалети, а имаше модели кои што можат да се носат и секојдневно и како коктел варијанти, така што соработуваме со Елена Лука и сигурно некои од овие модели ќе бидат носени од мене во некоја прилика, изјавува Татјана.
-Новата колекција е преубава и немам зборови за да го опишам сето тоа. Од лицата на сите присутни овде се гледа дека уживаа во тоа што го видоа. Малку понеобично од класични ревии што сме гледале до сега и моделите и целата замисла како да се организира ревијата како една тетатарска мини претстава, барем јас така ја доживеав. Имаше многу модели кои ми се допадна, веројатно ги одбрав оние кои според мојата линија и стил би одговарале. Во главата веќе имам идеја за која пригода што би можело да се носи, додава и Билјана.
И Ели Танаскоска се обиде да ги раскаже впечатоците, за кои вели дека потребни се многу зборови.
-Јас морам да кажам дека потполно уживав, вечер полна со емоции, особено кога излегоа на крај Елена Лука заедно со нејзиниот тим. Не треба човек да биде стручно лице, критичар или моден дизајнер за да каже каква беше модната ревија. Моето око забележа висококвалитетни материјали, тантели кои убаво прилегаа и создадоа еден прекрасен контраст, забележав прекрасни модели и морам да кажам дека го забележа знакот на Елена Лука и на чевлите и морам да кажам дека ако и тоа е нејзина нова продукција, честитам, навистина прекрасно се вклопија со се. Уживаа сите сетила, ова за мене беше посебна вечер, честитки. Мислам дека тоалетите ми оставија најголем впечаток, иако пак ќе кажам дека контрастите ми оставија навистина посебен впечаток, но од почетокот до крајот постоеја модели кои навистина би сакала да ги имам во својот плакар, вели Танаскоска.
Освен многубројните припаднички на понежниот пол во публиката, побаравме мислење и од новинарот Огнен Јанески и Мики Црнокрак, кои пак велат дека од машки аспект освен креациите голем впечаток им оставиле фризурите и апликациите од тантела.
-Морам да признаам дека накитот на косата или златните узди, многу ми се допадна и задоволен сум што го видов и сметам дека мошне инвентивно креативно. Во однос на креациите имам две или три креации што вистински ми се допаднаа. Црната креација од предниот дел пократка од задниот спуштена со тул и ми остави најголем впечаток, вели Огнен на кој се надоврза и модниот менаџер Мики кој беше во друштво на неговата сопруга Светлана.
-Колекцијата беше прекрасна, како и секогаш, Елена Лука знае да не изненади. Ние соработуваме уште од самиот почеток на модната куќа, така што би сакал да упатам големи честитики. Нам ни беше голема чест што присуствуваме тука вечерва – изјави Црнокрак.
Своите импресии ни ги опиша и музичката фела меѓу кои беа, Викторија Лоба, Сара Мејс, Вера Јанковиќ и дуото Силви Бенд, кои изјавуваат дека се позитивно изненадени и дека секако некои од креациите веќе замислуваат како ги носат на сцена.
-Уживав, буквално уживав и ми фалеа можеби уште 20 – тина минути за да ги средам впечатоците. Можам да кажам дека во 95 проценти од она што прошета на пистата би се видела себеси, особено еве на пример на сцената на Макфест, а ќе ја откријам и тајната дека ние ќе соработуваме. Конечно дојде моментот кога на сцената ќе носам специјални модели за оваа прилика, односно за ова издание на Макфест. Чест ми е многу, јас со Елена и приватно сум пријателка, Модниот викенд за мене пак е еден вистински настан, затоа што мислам дека конкретно ова што се случува сега, за овој бренд, е настан со традиција, нешто јако, нешто моќно, високо. Ова е еден шамар на сето она наше балканско, ние присуствуваме на еден убав гламур, јас како ди-џеј профсионална деформација ми е да ја следам музиката и фантастично ме однесе во едно убаво, старо време кое што ја допира сегашноста и преминува во една прекрасна иднина. Чест ми е што ќе успеам да презентирам убави модели, токму јас, искрено изјавува Вера.
-Новата колекција на ЕЛ е прекрасна, многу софистицирана и елегантна и многу убав избор на материјали, а особено морам да ја истакнам последната црвена креација со круната, таа ми е омилена.Се замислив во доста парчиња со надеж дека ќе се направи нешто по мојата фигурка. Најмногу ми се допадна еве и долгиот снежно бел фустан, открива Викторија Лоба.
-Ревијата ми се допадна многу, значи со Мишо цела вечер коментиравме бидејќи имавме можност да видиме многу убави креации за кои што дел би сакала и да си ги носам. Неколку креации си замислив на себе, а за целосен опис на колекцијата што ја видов ќе ми треба многу време, изјавува и соработничката на Елена Лука, Сара Мејс.
-Јас навистина уживав, вечерва имавме висока мода, отмена и елегантна, свечени модели кои што ни ги прикажаа на еден навистина исклучително убав начин, бидејќи класичната музика која што одеше во позадина и амбиентот, допринесе за сето ова да изгледа уште поотмено и уште поелегантно, така да сметам дека изборот на просторот беше комплетен погодок, заедно со каталогот кој што претходно го прегледав и сето заедно ми остави многу голем впечаток. Уживам во моделите на Елена бидејќи ја почитувам, многу женствени и речиси се пронаоѓам во секој модел, би можела секој да го носам. Особено моделите во црна варијанта, бидејќи имаат впечатливи етно моменто кои што Елена онака суптилно ги додаде и на белата и на црната боја. Јас ја претпочитам црната нијанса па претпоставувам дека од фустаните со напред кратка а назад долга варијанта секако би можала да се пронајдам, вели понежната половина од Силви бенд.
И актерката Драгана Левенска како соработничка на брендот вели дека била изненадена од целокупната модна замисла, која за момент ја потсетила на париската.
-Значи, многу, многу добро, јас бев навистина изненадена, пред се многу ми се допаѓа целиот амбиент вклопен заедно со музиката. Беше многу бајковно и самите модели кога чекореа онака баш како да ги втурнуваат. Колекцијата е извонредна се замислив во многу многу парчиња и многу ми се допадна она што не е обична класична ревија, секој може да отиде и да си купи нешто па дури и да се работи за едно обично излегување во град. Панталоните со висок струк и здолништата со висок струк ме потсетија на париската мода и тоа е многу добро, рече Драгана.
Менаџерката за односи со јавност на ЕВН Ленче Карпузовска како редовна клиентка на Елена Лука вели дека нејзините очекувања од брендот како и споствените модни сетила и се комплетно задоволени.
-Не сум изнененадена од тоа што се беше прекрасно, почувствував поинтересно ново освежување од Елена Лука каде доминираат белата боја комбинирана со златно, што е нешто перфектно и мелем за очи,така да си пронајдов засега неколку модели кои што добро би ми стоеле, вели Карпузовска.
Професорката и поранешна водителка Татјана Алексиќ ни ја образложи својата страна на гледиште кон колекцијата за која има само позитивни критики.
-Со еден збор импресивна колекција и воопшто настан кој имаше одличен кореографски настап. Веројатно од спојот со името и насловот од темата на златните узди, имавме чувство дека излегува грациозноста на коњот како најсовршено суштество односно животно и дека нема ништо посовршено, така да веројатно Елена Лука и нејзиниот тим направиле еден добар перформанс. Панталоните во златна боја напред малку спуштени, делуваа помалку секси елегантно женствено и се онака баш мој тип облека, додава и Татјана.
Се на се, би ни биле потребни уште многу зборови, редови и страници за да ви го доловиме она што вчера Елена Лука и го приреди на публиката. Оваа ревија беше показател дека македонската мода има репрезент како достоен пандан на светските модни брендови.