Ели Сааб ни покажа како изгледа раскош со rock'n'roll призвук

5 март 2018

На Модната недела во Париз, викендов Ели Сааб ни покажа нов правец на неговиот раскош, што го диктираа звуците на гранџ и рок музиката од 90-те.

Шоуто се отвори со адаптирана верзија на „Come as you are" од Нирвана, изведена на чело, а продолжи со безвременскиот хит на Радиохед „Creep", што беше увертира во рокендрол верзијата на гламурозниот Ели Сааб.

Но, и покрај „мрачниот" амбиент на целото шоу, сепак доминираше блескавиот луксуз на Сааб и покрај тоа што беше димензиониран во една поинаква, урбана варијанта.

Комбинирани се елементи од уличната мода и црвениот килим, па така е направена фузија меѓу луксузот и она што е прифатливо во духот на „уличниот" стил.

Џинсот е трансформиран во луксузно парче благодарение на доработките, рачните везови и богатите и раскошни детали, а бохо транспарентните фустани добиваат нота на величественост благодарение на префинетите материјали и пердувестите детали.

Она што веќе се најавува како тенденција за следната зима, е потенцирањето на струкот со корсети или широки ремени, што е присутен речиси кај сите аутфити што ги презентираше Ели Сааб во својата последна колекција.

Фото извор: Vogue.com

Објавено:
5 март 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.891 пати