Вториот ден од Миланската модна недела помина во знакот на големите дизајнерски имиња меѓу кои и Карл Лагерфелд и Фенди, Прада и секогаш уникатниот Џереми Скот и Москино. Како што очекувавме, тие не разочараа, а нивните колекции ги гледате подолу во галериите.
Фенди
На прашањето дали во модата може да се вмеша политиката, големиот Карл Лагерфелд пред почетокот на шоуто во Милано ќе изјави:
„За мене ова е само работа, работа како секоја друга и јас сум среќен што можам да ја работам. Јас цртам, јас го имам полесниот дел. Фенди како компанија е одлично координирана, само да го видите студиото во Рим, да ги видите нивните шаблони, материјалите, сѐ она што го прават...“.
Тој ќе каже дека овој пат не бил расположен за бајки кога станува збор за парчињата, па така за следната есен тој се враќа на класиката и едноставните кроеви. Шоуто на Миланската модна недела го отвори со прекрасно сиво палто со крзно на ракавите, комбинирано со карирано здолниште и црвени високи чизми кои доминираа во голем дел од комбинациите. Дизајнерот продолжи во класиката и понатаму, прикажувајќи фантастични фустани од твид во сива боја и кариран принт, за потоа да внесе и повеќе боја како темно црвена, неодолива кафена, сина, бела и секогаш прекрасната беж. Вистински празник за очите беа романтичните фустани сосема на крајот надополнети со 3Д цветови и повторно комбинирани со високи чизми над колената во темно црвена боја.
Москино
Како и секогаш, Џереми Скот приреди вистински спектакл во Милано, ревија која сите ја очекуваа со нетрпение. Сосема нормално, истата ја отвори популарната Кендал Џенер во беж комбинација составена од кусо здолниште и палто со висока јака, изработени од „материјали што другите ги отфрлаат, а се дел од нашето секојдневие“. Ревијата продолжи во сличен стил, прикажувајќи „картонски“ парчиња украсени со разни ленти кои најчесто ги гледаме на пакетите за пакување, блузички и здолништа во вид на хартиени кеси, фустани од пластични торби, за сосема на крајот да бидат прикажани бројни колоритни парчиња во стилот на Скот и Москино. Ревијата заврши со прикажување луксузни парчиња од високата мода комбинирани со пластични кеси и додатоци од црни вреќи и ленти на кои пишува „Ние ги сакаме нашите клиенти“ и „Рециклирај“.
Прада
За следната есен дизајнерката Миуча Прада подготви една навистина интересна и посебна колекција со фантастични принтови на парчињата. Ревијата почна со розов фустан со длабоко деколте и пердуви во долниот дел и најави дека ќе видиме парчиња кои ќе нѐ потсетат на 60 – тите и 70 – тите години. Во продолжение видовме женски костими во кафена нијанса украсени со впечатливи ремени, рачно плетени марами, многу плетени додатоци, крзнени чизми и чанти, здолништа со висок струк, ретро блузи и кошули, како и интересни палта со фантастична рачна доработка. Оваа година таа се инспирирала за сценографијата и дел од колекцијата од филмот на Федерико Фелини, „City of Women“, но како што ќе каже, не од содржината, туку само од насловот. Кај дел од парчињата можевме да видиме интересни принтови преземени од познатиот илустратор од 60 – тите Роберт Е.Мекгинис, а меѓу нив имаше и дел од многу познати книги и филмови. Речиси секоја колекција што ја видовме на вториот ден од Миланската модна недела беше инспирирана од една навистина посебна и уникатна приказна, а резултатите можете да ги погледнете во продолжение.