Во прекрасната ботаничка градина на Хорти Експерт, дизајнерката Мила Кадриу се претстави со новата колекција за пролет-лето 2014. Дизајнерката овој пат направи приказна презентирана од лелеави парчиња, изработени од свила, памучна тантела и транспаретни материјали. Токму поради тоа, моделите воопшто не се наметливи, а изборот на материјали прави тие да „дишат“. Со оглед дека се работи за актуелната сезона, цветните апликации, принтови ислоевитоста се неизоставен дел, а креациите се надополнети со впечатлив накит, односно алки и ѓердани.
Така, самата идеја на дизајнерката да се вратиме кон природните убавини и придобивки, беше преточена во несекојдневно модно шоу кое за момент не оддалечи од градската урбана џунгла во една сосема нова димензија. Класичната писта овој пат изостана, со цел да има подинамично движење на манекенките.
- Колку што ми е важна колекцијата, толку ми е важна и локацијата за да се претстави целата приказна, односно да може сите присутни да ја доживеат на ист начин како мене. Овој пат имав покомотни силуети, цветни дезени, сакав да се вратиме малку на природата бидејќи премногу сме насочени кон технологијата. Токму затоа, одбрав ревијата да биде дневна, без светлосни инсталации, со цел да се истакне убавината на природата - изјави дизајнерката.
Мила Кадриу е дел од Модниот викенд Скопје уште од самиот почеток, а ова е нејзина четврта самостојна ревија. Во однос на годинешната организација, но и идните планови, дизајнерката најави претставување надвор од државата.
-Имам понуда за претставување на модната недела во Приштина и таму ќе учествувам на 18 април, а за останати планови е се уште рано да зборувам. Во однос на организацијата сум задоволна. Тешко е да се споредиме со светските модни викенди кои имаат подолга традиција. Мислам дека сме на прав пат. Работиме напорно, не само јас, туку сите мои колеги дизајнери со цел да не прикажеме импровизаиција, туку одредена приказна. Во тој контекст напредуваме во нагорна линија- вели Кадриу.