После Лондон, модниот свет се сели во Милано. Модната недела започна вчера, а на програмата на првиот ден сите очи беа вперени во ревијата на Гучи.
Ова е една од најочекуваните ревии, ако се има предвид дека е првата на Алесандро Микеле за Гучи. Неговата работа и претставување беа мошне важни не само од неговиот личен аспект, туку и за модната куќа, која после години доминација на италијанскиот пазар, се соочи со проблеми и стагнација. Она што Гучи го презентираше последните години беше оценувано како монотоно и просечно, далеку од капацитетот на модната куќа.
Во оваа нова колекција, Алесандро се оддалечува од естетиката на Фрида Џанини, како и на Том Форд.
Гучи девојката на Микеле е „бубалица“, по малку ексцентрична, а тоа го нагласува токму преку својот стил, кој вклучува и винтиџ парчиња. Приближувајќи се кон природен и младешки изглед, новиот дизајнер се оддалечи од сексапилот кој беше еден од заштитните знаци на куќата.
-Не употребив ништо од архивата. Се обидов на брендот да му внесам малку романтизам – изјави дизајнерот, особено потенцирајќи на модните додатоци, за кои тврди дека се иновативни. Така, од една страна се креациите со плисе, цветни мотиви, карнери, лелеави форми, а од друга страна се андрогените изгледи. Микеле всушност прави размена помеѓу машките и женски креации. Кај женските внесува машка нота, претставена преку кројот, додека машките ги оплеменува со женска, претставена преку цветните мотиви и карнерите.
Целта на Микеле е да покаже дека Современото е безвременско, што е всушност и наслов на колекцијата.
Ако се суди според првите впечатоци на модните уредници од странските модни списанија, Гучи е пред нова ера. Иако Микеле е на добар пат, модните стручњаци веруваат дека тој има уште многу да работи за да создаде ера во Гучи што ќе го носи неговото име.
Покрај Гучи, свое претставување вчера имаа и младата Стела Жан, како и Алберта Ферети.
Младата Стела повторно се држеше до мултикултурализмот. Како вели самата, се труди да одржи свежа перспектива, па секој пат посегнува по нов географски простор, што го имплементира во боите, дезените, принтовите и севкупниот сензибилитет на колекцијата. Иако некогаш изгледа како да се повторува, нејзиниот поглед и цел се секогаш јасни, без разлика на тоа какви се актуелните трендови. Овој пат инспирација беа Хималаите. Одлични украси беа аплицирни на волуменозните здолништа, фустани, како и долгите капути кои потенцираа на лежерност и ноншалантност. Младешка, разиграна и типична колекција на Стела Жан.
Италијанската ренесаса е во центарот на колекцијата на Алберта Ферети. Затоа повеќето креации се романтични, женствени, со доза на мистериозност и имагинација. Шифон, органза, тантела, се дел од материјалите со кои ја создала оваа модна приказна. Не може да не се забележи присуството на украси, везеници, кои алудираа на фолклорни мотиви. Особено внимание привлекоа креациите со бела и црна тантела, со што Ферети создала мошне привлечен контраст. Волуменозноста е исто така присутна, но сепак во рамки на женственоста.