Ирина Тошева е дизајнерка која иако припаѓа на новата генерација млади македонски дизајнери, веќе има свој препознатлив печат дефиниран преку младешките и енергични колекции секогаш посветени на урбаните луѓе кои имаат храброст да експериментираат со својот стил.
И овој пат таа ја продолжи својата соработка со Моден викенд Скопје, па традиционално својата нова пролетно-летна колекција поддржана од My time, ја промовираше вечерва во рамките на овој настан. Инспирирана од водата како есенција на животот, што не исчезнува никогаш туку само ја менува својата форма, Тошева ја креираше колекцијата насловена „Енхалон“ укажувајќи истовремено и на безвременоста на модата како уметност.
„Насловот на колекцијата всушност значи јагула и е старото име на градот Струга – моето омилено место за одмор, релаксација и задоволства, чувства кои сакам да ги пренесам со оваа колекција“, вели Тошева за мотивот при креирањето на новата колекција.
Очекувано со оглед на инспирацијата, во оваа пролетно-летна линија преовладуваат сино-белите тонови комбинирани со разиграни ситни принтови кои се карактеристика во дизајнот на креаторката.
Тошева е една од ретките домашни дизајнери кои креираат паралелно и женски и машки парчиња облека, па и овој пат таа ни покажа своја машка и женска верзија на „Енхалон“. Машките кроеви се поопуштени од вообичаено, додека пак женските станале посексапилни и поженствени во однос на претходните колекции. Храбри високи шлицови, асиметрични преклопи на здолништата, панталони со висок струк и комбинезони со интересни кроеви изработени од мек памук и сјаен штоф сатен, беа сведоштво за синхронизираната имплементација на женствениот сексапил со урбаната ноншалантност сведена на секојдневие. Секој стајлинг комплетно е заокружен со интересни модни додатоци како: рачни часовници потпишани од My time и шапки.
Младата дизајнерка исто така е препознатлива по тоа што прави еден комплетен концепт во промоцијата на нејзините колекции, што секогаш вклучува и авторска музика како звучна подлога, за која овој пат Ирина го одбра домашниот бенд The John.
Тошева со оваа колекција ќе биде и прв македонски дизајнер што ќе учествувана Модната недела во Љубљана, каде ќе биде дел од програмата посветена на дизајнерите од поранешните југословенски простори.
„По Модниот викенд во Скопје, колекцијата ќе биде претставена и на Модната недела во Љубљана, Словенија. Од 15-ти април, колекцијата ќе биде достапна за продажба во моето ателје, Lotus Design Store и онлајн насекаде низ светот“, вели Тошева за нејзините идни планови во однос на промовирањето на колекцијата.