Каролина Куркова ја промовира новата колекција на Банана Републик

23 јули 2014

Соработките помеѓу познатите дизајнери и high street брендовите во последните неколку години сѐ повеќе се интензивира. Последната најавена соработка што израдува многу девојки ширум светот, е онаа помеѓу британскиот дизајнер Роланд Мурет и американскиот бренд Банана Републик.

Изминатите денови во Њујорк се снимаше и одличната рекламна кампања за промоција на колекцијата, во која како главно лице се појавува чешката манекенка Каролина Куркова која носи модели од лимитираната капсулна колекција.

Како и секогаш, така и овојпат, во сите модели од колекцијата на популарниот бренд може да се препознае нивната огромна љубов кон минимализмот и еко дизајнот на секогаш совршени парчиња што ја следат женската силуета.

Овие денови се појавија и неколку фотографии од снимањето на рекламната кампања, според кои може да видиме дека покрај прекрасната Каролина, во рекламата на брендот се појавува и самиот дизајнер.

Во целата колекција доминираат класични модели, идеални за на работа, за на состанок, прошетка со пријателките, па дури и некоја свеченост. Во истата има вкупно 30 модели, а ќе се најдат во продажба веќе од следниот месец во продавниците на брендот ширум светот.

Цените на моделите ќе се движат од 50 па сѐ до 165 долари, што само докажува дека ова ќе биде колекција која што ќе воодушеви многу девојки.

Објавено:
23 јули 2014
Категорија: 
Колекции