Кога гледате наназад, секогаш постои ризик да заглавите во минатото, особено ако сте дизајнер кој го продолжува наследството на моден бренд од калибарот на Живанши. Но, Клер Вејт Келер ризикуваше! Во март годинава, големиот Убер де Живанши почина на 91-годишна возраст и таа пресече дека сега е вистински момент, оваа Haute couture линија да биде посветена на неговото творештво – скромен и респектабилен, но исклучително храбар чекор. И не погреши! Клер направи фасцинантен трибјут каков што и дизајнерот заслужува, во бајковит амбиент на Националната архива на Париз.
Таа направи своја реинтерпретација на неговото дело. Жената која ја промени традицијата на исклучително машки дизајнери на чело на брендот (Галијано, Меквин, Тиши...), го однесе Живанши до уште повисоки врвови.
Ова е дефинитивно нејзина година. Ја облече најпознатата невеста за 2018, Меган Маркл, во венчаница за која се уште се зборува и станува историја, а сега и понуди на јавноста уште една добра причина да се зборува за неа.
„За мене беше едно прекрасно патување суштински да го истражувам Живанши и да го реинтерпретирам на мој начин", вели дизајнерката за славниот дизајнер познат по беспрекорната соработка со неговата муза Одри Хепберн.
Внатрешната моќ, менталната убавина на жената е визуелизирана преку оваа колекција во која флуидно се испреплетува женственоста со строго дефинираните форми. Во суштина, ова е колекција базирана на играта со формите и скулптиралните силуети, на чија елеганција ако не друго, барем може да се воодушевуваме.
Фото извор: WWD, Vogue, Givenchy