Колорна експлозија од стартот на „Serbia Fashion Week“

25 април 2014

Интернационалниот фестивал на мода и дизајн кај нашите северни соседи „ Serbia Fashion Week“ стартуваше  со ревијата на една од најзначајните европски дизајнерки, Агата Руиз де ла Прада. Шпанската дизајнерка пред српската публика во хотелот „Парк“ во Нови Сад, ја претстави својата најнова колекција за есен-зима 2014/15  година. Колекцијата на дизајнерката,  која во модата влезе во почетокот на 80-тите години, на писта беше сочинета од  25 изгледи во кои доминираат  црвена, зелена, сина боја, принтови со срциња, светкави шљокици, цветни принтови, што всушност ја претставуваат веселата и еклектична зима.

 

 

Пред претставувањето на колекцијата, Агата одржа и прес конференција за медиумите каде изјави дека  е задоволна од приемот во Србија и е среќна што ја прифатила поканата да гостува во Нови Сад, иако претходно  договорила настап во Чиле. Исто така, Руиз упати и совет дека  луѓето треба почесто да носат облека со повеќе бои, а не темни парчиња.

 

До крајот на српската недела на дизајнот, односно до 26-ти април, публиката ја очекуваат ревии на дизајнери од Чешка, Бугарија, Унгарија, Белорусија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, како и претставување на колекции од домашните српски дизајнери како Ѕвонко Марковиќ, Марија Шабиќ, Бата Спасојевиќ, Милена Радовиќ. Во рамките на петдневниот моден настан вклучени се и изложби на модни фотографии, дизајн на накит, костимографија и индустриски дизајн. Утре 25-ти април со својата последна колекција ќе се претстави и нашата дизајнерка Росица Мршиќ.

Објавено:
25 април 2014
Категорија: 
Колекции