„Луј Витон“ и „Миу Миу“ за крај на PFW

10 март 2016

Модната недела во Париз заврши вчера, а крајот го одбележаа ревиите на брендовите „Луј Витон“ и „Миу Миу“, чиј преглед следи во продолжение:

 

„Луј Витон“

Најновото од оваа модна куќа во голема мера содржи футуристичка стетика искомбинирана со спортска.

Присуството на принтови беше доминантно, а посебно внимание привлекуваат и фустаните со асиметричен крој.

Не можат а да не се забележат кожените градници, како и лакираните панталони од една страна и спортските комбинезони од друга.

Целата колекција е проследена со динамика и бунтовништво, но без разлика на модните експерименти што доминираат генерално во колекциите на овие брендови, „Луј Витон“ секогаш нуди и парчиња што лесно можете да ги комбинирате и вметнете во својот стил, а така е и овој пат.

 

„Миу Миу“

Уште еден успех на Миуча Прада. Модната куќа претстави одлична колекција, во која доминантен е џинсот, но ништо помалку не се впечатливи брокатните капути и волнените одела.

Дизајнерката во колекцијата прави комбинација на материјали, така што на пример џинсот што е апсолутен хит за идната есен, е споен со тантела и ткаенини со сјај. Дел од тексасните парчињата беа и во пачворк техника.

Освен џинс, присутно беше и крзното и кадифето (уште еден мошне актуелен материјал).

Посебно внимание се обрнало и на модните додатоци како бисери, панделки, крагните од тантела... Љубителите на чантите веднаш ќе ги забележат чантите изработени од гоблен. Еклектичен пристап што одлично ќе функционира за следната есенска сезона.

Објавено:
10 март 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
295 пати