Шоуто на Луј Витон ја затвори сезоната на модни недели кои ги најавија најголемите трендови за следната пролет и на неверојатен начин потенцираше дека ретро парчињата секогаш се и ќе останат во мода.
Иако сме навикнати тој да се навраќа наназад, Николас Гескјер и овојпат му испрати љубовно писмо на Париз и ги потсети сите на магичната ера на градот од 1871 – та до 1914 – тата година.
„Ова е дел од француската историја која е многу интересна во однос на уметноста, културата, еманципацијата на жените и секако, литературата на Пруст. Многумина овој период го поврзуваат и со лансирањето на нашата модна куќа“, изјави дизајнерот пред почетокот на одличното шоу.
Сите парчиња што тој ги претстави на сцената беа совршено шарманти, ретро – елегантни и неодоливо потсетуваа на париските дами од минатото.
Она што беше интересно е тоа што дел од парчињата беа налик футуристички со што уште еднаш се истакна неговиот талент секогаш да биде пред сите со модата, а и неодоливо да нѐ потсети на минатото и на неговиот омилен Париз.
Очекувано, на пистата видовме многу кожени парчиња како негови омилени, пуфкасти ракави, здолништа на преклоп, ремени на половината, долги палта со интересен принт и впечатливи јаки, високи чизми до колената, светкави елечиња и фантастични модни додатоци.
Брендот оваа година беше проценет на околу 40 милијарди фунти со што отиде многу пред неговата најголема конкуренција Шанел, а се чини Гескјер не планира да запре тука.
Инфо и фото: Vogue.com