Со самото тоа што една од најголемите музички ѕвезди на денешницата пристигна во нејзиното најдобро издание до сега, беше и повеќе од сигурно дека Ријана ќе му донесе дополнителна популарност на Раф Симонс за Диор.

Но, креативниот директор направи и многу повеќе од тоа што ја донесе Ријана во Париз. Тој ангажираше бројни работници кои го накитија Лувр со 400.000, рачно насадени садници лаванда само за оваа пригода.

Како што самиот дизајнер ќе каже, тој секогаш сака нови и уште поекстремни предизвици, а сосема задоволен, на крајот на ревијата изјави дека во целост го постигнал ефектот што го посакувал.

Слично на белиот и чист простор, лавандата и фантастичниот мирис за кој сите говорат, и парчињата во колекцијата беа такви.

Неверојатна чистина и едноставност кај фалтираните долги елеци, кусите џемперчиња со заоблени краеви, совршено скроените женски костими, кошулите без маана и сите останати парчиња.

Дизајнерот се одлучи за нежна и романтична палета на бои составена од претежно бела и црна, украсена со по некое темно сино парче, но и црвени и кафени моменти.

„Сакав да направам едноставни парчиња и да се концентрирам на линија која ќе ја прикаже идејата за феминизмот, женственоста, чувствителноста, кршливоста, жртвувајќи ја моќта и влијанието“, изјави дизајнерот.

Тој им дозволи и на модните додатоци да го кажат својот збор, создавајќи кожени чанти во неколку прекрасни бои, но и нов тренд – ланчиња врз марами на вратот.

Со Ријана во совршено издание во првите редови и колекција за која Париз не престана да говори, веруваме дека Раф Симонс во моментов ги ужива сите благодети што неговата матична куќа му ги понуди, а и нешто повеќе од тоа!

Мирослава Дума

Објавено:
3 октомври 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
797 пати