Ако во моментов ви недостасуваат новите колекции на познатите дизајнери, не грижете се, пристигна можеби најубавата.
Миленикот на жените Ердем Моралиоглу деновиве ја лансираше новата пред – есенска колекција за 2017 година која е магична како и сите негови останати.
„Кога ја подготвував колекцијата размислував за 40 – тите погледнати од агол на 70 – тите“, вели дизајнерот за инспирацијата.
Во неговото мало ателје тој раскажува и за филмот The Conformist на Бертолучи кој му е непресушна инспирација како и за фотографиите од младата Палома Пикасо и целиот тој винтиџ гламур од 70 – тите.
Приказните отсекогаш биле важни за дизајнерот. А се чини со новата колекција тој раскажува навистина магична приказна која девојките ќе ја обожуваат.
Тој повторно ги почести сите негови обожавателки со ретро винтиџ фустани од некое минато време кои денеска се совршен избор за сите забави на кои ќе помислите.
Истите ги комбинираше со топли крзнени и колоритни бунди украсени со свилени панделки во пределот кај вратот.
Светките и исклучително квалитетните свилени материјали и овој пат преовладаа во неговата пред – есенска колекција, а брокатот како негов омилен се чини победи кога станува збор за совршено скроените женски костими.
Дел од неговата колекција се и топли есенски џемпери во земјени бои, цветни бомбер јакни и плисирани здолништа, бели и неодоливи кошули, тантелни и транспарентни долги фустани, панталони како и многу впечатливи и шарени модни додатоци.
Со оваа колекција од малото лондонско ателје тој се сели во многу поголеми простории, односно во поранешна фабрика во Лондон, што со оглед на ситуацијата во модната индустрија денеска е реткост и вистинска победа.