Пред да се преселиме во Лондон, вистинско време е да видиме што ни понуди Њујорк на последниот ден од модната недела. Честа да ја затворат, им припадна на некои од најголемите имиња во модната индустрија, како Ралф Лорен, Келвин Клајн, Марк Џејкобс и J. Mendel. Вчерашниот 11 – ти Септември дефинитивно го одбележа ревијата на Марк Џејкобс кој сцената успеа да ја претвори во џиновска куќа на Барби од каде се движеа неговите модели со одлични боб фризури и креации претежно во темни бои. Одличен беше и Ралф Лорен кој уште една ш прикажа уникатна женственост на пистата, додека Келвин Клајн се одлучи за малку посмирени и елегантни форми на совршено скроените модели.
Ралф Лорен
Долгоочекуваната ревија на големиот Ралф Лорен очигледно не разочара никого! Фасцинантниот дизајнер на пистата прикажа едно сосема поинакво, неверојатно романтично и шармантно сафари на какво никој досега не нѐ одвел. Скоро сите креации беа олицетворение на свежиот и забавен дух со кој располага брендот обвиткан во колорит како никогаш досега. Моделите што дизајнерот и ги обзнани на публиката, беа апослутно носливи и прилагодливи и за дневни и за различни вечерни прилики. Она со што дизајнерот почна, беа супер носливите панталони во темно зелена боја и помалку војнички стил, комбинирани со лесни и лежерни, свилени кошули совршени за удобен работен ден. Како што одминуваа креациите, тој понуди неверојатна палета на колорит претставена преку тесни уникатни здолништа до колена, транспарентни палта во боја, тесни кожени панталони, кадифени свечени блузички, совршено портокалови лелеави фустани до колената, но и црни варијанти на елегантни долги здолништа, транспаренти наметки и тесни фустани. Како се ближеше крајот на ревијата, така дизајнерот од возбудливо сафари, не одведе на гламурозни и шик пролетни прошетки, преку лелеавите, но и сосема припиени бели, жолти, розови и прекрасно зелени фустани комбинирани или украсени со колоритен скапоцен накит со кој девојките на пистата буквално блескаа!
J.Mendel
Иако неверојатната способност што Жил Мендел ја има кога станува збор за создавање на креации од крзно за J.Mendel што апсолутно никој не ја оспорува, овојпат се чини како малку да ја промаши сезоната пролет 2015. Тој на пистата прикажа бројни крзнени колоритни бунди и додатоци од крзно за кои мала е веројатноста дека ќе ги видиме во светот надвор од пистите следната пролет. Покрај крзнените моменти, брендот прикажа и импресивни и раскошни лелеави фустани без прерамки, скоро во сите наврати во две бои, кои навистина беа совршени за пролетната сезона. Покрај фустаните, на пистата можевме да видиме и елегантни куси фустанчиња комбинирани со величествено скроени бели и црни палта, но и куси колоритни фустанчиња, како и сосема елегантни лелеави тоалети со актуелниот длабок шлиц кај ногата. Најдобрите примери што би можеле да ја одбележат следната пролет кај неговата колекција, беа кожените куси здолништа, но и кожените комбинезони и тренди јакнички за кои сме сигурни дека ѕвездите ќе полудат. Сепак, на крајот, апсолутни победници од целата ревија, иако несоодветни за пролет, беа одличната сина и колоритната сино – розова бундичка на брендот!
Келвин Клајн
„Ова е нешто сосема ново за нас“, изјави Франциско Коста, сакајќи да ја опише новата, пролетна колекција на брендот. Иако досега веќе еднаш сме виделе повеќе или помалку спортска колекција од брендот во чисти тонови, овојпат спортската елеганција дефинитивно беше она новото на што мислеше Коста. Од брендот прикажаа сосема чисти и едноставни форми кај моделите, вистински преставници на она што се дефинира како висока женска елеганција. Скоро кај сите модели можевме да видиме уникатно врз уникатно парче, односно долг елек налик фустан без ракави врз струкирани панталони или пак флудини здолништа. Веќе досега заклучивме дека ремените на половината ќе бидат вистински хит оваа сезона, па ревијата на Келвин Клајн беше само уште една потврда за тоа. Примарните бои што преовладуваа во целата колекција беа темно сината, сребрената, прекрасната темно црвена, но во еден момент бевме почестени и со нејзиното височество – совршената бела прикажана врз неверојатно добри бели фустани до под колената со странични отвори. Од брендот за следната сезона ни предлагаат и одлични кожени парчиња како темно црвени мантилчиња со интересен дезен на истите, но и кожени куси фустанчиња со хит ремен на половината. За вечерните прилики, слободно можете да си одберете од неколкуте секси деколтирани и сосема затворени сребрено – светкави креации. Со оваа ревија на брендот, само уште еднаш се докажа дека следната сезона комбинирањето на елеганцијата со спортското и удобното ќе биде задолжителна лекција за сите трендсетерки.
Марк Џејкобс
И како јагода на шлагот и како најомилен меѓу омилените, модната недела во Њујорк ја затвори уникатниот Марк Џејкобс, кој како и секогаш направи нешто поинакво и интересно. Сцената за неговата ревија наликуваше на домот на Барби со огромна верзија на нејзината совршена розова куќа. И додека сцената нѐ наврати во розовото детство, неговите „Барбики“, меѓу кои и најпознатата во моментов, Кендал Џенер, носеа претежно темни креации. Големиот шоумен овој четврток на пистата понуди скоро слични модели базирани на една инспирација – униформи! „Можам да кажам дека станува збор за модели со...еден вид невидливи бои. Почнав да размислувам за униформите и нивната декорација споени со младата популација и културата денеска. Униформите некогаш беа симболи на младешката бунтовност, на протестите...Денеска, тие не значат ништо. Тие се само парче од облеката што сакаме да го носиме“, раскажа Марк пред почетокот на ревијата. Тој успеа да извлече неколку модели од неговата инспирација во претежно темни бои како темно зелената, сината, златната, темно кафената, сивата и по некоја комбинација од истите претворена во фустанчиња до колената и панталони. Највпечатливи и можеби најслатки беа школските куси фустанчиња со долги ракави и јаки во неколку бои, кои останаа како најзначајниот белег на колекцијата (можеби затоа што актуелната Кендал Џенер носеше едно од нив). Од колекцијата не изостануваа ниту огромните и волуменозни џемпери со предолги ракави, но и масивни мантили и палта, како и блузи комбинирани со свилени куси здолништа. Поголемиот дел од чевлите беа влечки украсени со кристали во предниот дел во слични бои со креациите, но и слатки балетанки и одлични чизми кај некои од комбинациите. Интересни дефинитивно беа боб фризурите со шишки што ги имаа сите модели, и минималната шминка, односно сосема чистите лица на манекенките.
Од фамозниот Њујорк, модната елита се сели во секогаш дождливиот, но прекрасен Лондон. Веќе од утре, дознајте кои се најновите трендови од британската престолнина, а ветуваме дека тоа нема да бидат дождовните мантилчиња!