Модната недела во Њујорк заврши вчера, а честа да ја затвори повторно му припадна на Марк Џејкобс.
Во свој препознатлив, по малку театрален стил, дизајнерот понуди парчиња што зрачат со опуштеност.
Сепак, кусите панталончиња, мини-фустаните и здолништата, кожените јакни и тесните фармерки се надоградени со специфични и сложени детали, со што создаде повторно необична колекција.
За потребите на оваа колекција, Марк соработува со уметницата Џули Вероевен, која ги слика надреалните илустрации аплицирани потоа во форма на принт. Инаку, таа беше негова соработничка и за време на неговото работење за Луј Витон. Освен со принт, овие илустрации беа претставени и со мониста или везови, аплицирани врз фустаните, фармерките, џемперите, но и модните додатоци – чорапи, платформите.
А, кога сме кај платформите, тие беа уште повисоки од оние од претходната колекција. Сепак, сите модели, меѓу кои и Кендал Џенер, Бела и Џиџи Хадид, Џордан Дан, Карли Клос, Адриана Лима, Ирина Шаик, успешно се изборија со предизвикот да чекорат во нив.
Марк Џејкобс не би бил тоа, доколку во колекциите не вклучи многу светки, мониста, пердуви... Но, овој пат си игра и со комбинацијата на ткаенините, комбинирајќи ги џинсот со плишот, или плишот со кожата, со што прави интересен спој и на текстури.
Тоа што на други им изгледа неспоиво, не важи за Марк. А неговото мајсторство посебно се огледува во складноста на комбинирањето на боите.
На сето тоа се вклопи и сценографијата, која беше како мокра улица со многу светилки, што идеално се вклопи во неговата приказна за опуштеноста, па добивате впечаток како да гледате шоу на улична мода.
Со Марк завршија деновите на мода во Њујорк, но модниот свет веќе денеска е „преселен“ во Лондон, каде стартува тамошната модна недела за сезона пролет-лето. Во наредните пет дена со нетрпение ги очекуваме ревиите на „Барбери“, „Роксанда“, „Малбери“, Мери Катранзу и многу други.