Се чини некако навикнавме Мери Катранзу постојано да нѐ изненадува со нејзиниот стил и парчиња, па токму тоа и се случи со нејзината нова, ресорт колекција.
Нејзините омилени принтови, овојпат таа ги замени со многу цвеќиња, фалти и повеќе едноставност кај кроевите. Во оваа ресорт колекција, таа повеќе се концентрираше на чистите линии кај фустаните, здолништата и блузичките, со што ни најави еден нов, поедноставен правец во нејзиното креирање.
Дизајнерката создаде прекрасни фалтирани фустани, здолништа со висок струк и неодоливи пруги, куси фустанчиња со целосен флорален принт, но и по некој чифт совршено скроени куси и долги панталони комбинирани со модерно палто.
Речиси сите парчиња од колекцијата, иако некои од нив со широк крој, на совршен начин го нагласуваат сексапилот на женската силуета.
Кај сите парчиња нагласен е колоритот и миксот на бои, но има и такви кои се вистинско олицетворение на елеганцијата што секоја жена ја посакува, со дополнителна доза на сензуалност со која пленат моделите во црни нијанси.
Во продолжение во галеријата, погледнете ги сите модели од ресорт колекцијата на Мери Катранзу во која сме сигурни дека ќе се вљубите на прв поглед.