Модното патување во Милано продолжува. Ништо помалку интересна агенда немаше ниту вториот ден од актуелната модна недела, кој го отвори Макс Мара, за потоа да следат ревиите на Фенди, Just Cavali, Прада и Москино за крај.
И додека Макс Мара и Фенди понудија посериозни парчиња, Прада и Москино понудија разиграност и веселост. Just Cavali остана доследен на урбаниот стил. Како и да е, принтовите и текстурата доминираа на пистата вчера.
Макс Мара - Строги линии и твид
Токму тоа прво ќе го забележите во најновата колекција на брендот, за есен-зима 2014/15. Изненадување не беше употребата на материјалите, туку во облиците и техниката. Колекцијата не содржеше ниту еден пар панталони, што е исто така необично имајќи ја предвид машката нота што ја негува Макс Мара во своите колекции. Но, доминираа миди, пенкало здолништа, кои беа двобојни, па така ако од напред гледате песочна нијанса, задната страна на здолништето е изработена во друга боја. Она што беше нов момент се палтата без ракав, кои тие ги наметнуваат како задолжително парче за следната есен. Сива, црна, песочни нијанси, кафени, портокалови, зелена, сина во загасити варијанти се боите во кои се изработени креациите, а комбинацијата на мтеријалите и дезените, како карираниот на пример, придонесуваат за спортско-елегантната нота на моделите.
Фенди - колекција без големи изненадувања
Со мала крзнена кукла, имитација на Карл Лагерфелд и црно палто со крзнена качулка, Кара Делевињ ја отвори ревијата на Фенди. Лагерфелд ја опиша оваа колекција како брутална и поетска, со многу испреплетени нишки. Крзното е застапено најчесто во форма на детали и додатоци, а креациите се изработени и од твид и крута волна. Палтата односно капутите изработени од овој материјал ја држат формата и изгледаат скапо, што е одлична замена за оние што не го сакаат крзното. Дел од креациите се повеќеслојни, а дел едноделни, со кожени додатоци, парчиња и патенти, со што се добива на урбаност. Исто така, застапени се и широки, или oversized креации со големи џебови. Така, Фенди освен во комбинирањето на материјалите, не понуди многу новитети, туку ги следи веќе претставените, со што не понуди големи изненадувања.
Fast food-fashion на Москино
На прашањето со еден збор да го опише Франко Москино, актуелниот дизајнер на модниот бренд, Џереми Скот одговори: Хумор. А тоа е и главната водечка нишка за оваа колекција, која како да е поделена на три дела. На почетокот се соочивме со креации инспирирани од брзата храна, односно Мекдоналдс, па и моделите и аксесоарите беа во црвено-жолта комбинација. Покрај Мекдоналдс-Москино финтата, видовме и фустани и палта со дезен на крава, како и оние инспирирани од Сунѓерот Боб. Но, од таква хумористична мода, вториот дел од ревијата сосема не однесе во светот на Москино, исполнет со кожа - и на телото и на креациите, провокативност, смелост, синџири, метал... Во црна и сина боја, овие модели се урбани и по малку во рап односно аренби манир. Особено се истакнуваат високите чизми на кои се наредени синџири на кои пишува Москино. Но, третиот дел од ревијата повторно не враќа во светот на брзата храна, но овој пат преку опаковки од чипсови, корнфлекс... Дали ова кај некого предизвика насмевка или воодушевување, тоа не знаеме, но во секој случај многумина ја замислија Кети Пери во овие креации, која и присуствуваше на ревијата.
Прада во боите на Германија
Колоритноста продолжува и во ревијата на Миуча Прада, сепак во сосема поинаква насока отколку на претходната ревија. Миуча овој пат инспирацијата ја пронајде во германската авангарда, односно Петра фон Кант и режисерот Рајнер Варнер Фасбиндер. Водена од делата на овие уметници, Прада создаде колекција насловена како „Акт 2“ која содржи и машки и женски модели. Модното шоу започна со неколку женски сиви јакни и палта, но со машка нота, за да продолжи со фустани од сатен, како и јакна и палта малку поголеми од бројот што ви прилега. Со тоа Прада го следи трендот на oversized, но не во онаа мерка, палтата да „висат“ на вас, како што е случај кај некои други брендови.
Just Cavali повторно носи во светот на принтовите
Кавали и овој пат остана доследен на принтовите и мноштвото бои. Тесни панталони, куси здолништа, куси палта, фустани се дел од она што ја сочинува колекцијата. Кожата и нитните придонесуваат за рок нота на дел од моделите, а и овде не изостануваат крзнените детали. И додека на една страна е рок влијанието, од друга е каубојското. Така, панталоните со реси, како и обувките со истиот додаток се вистински хит. И додека едните сметаат дека има премногу боја, помешани дезени и детали, другите го сакаат тој микс, ја сакаат впечатливоста што овој бренд ја наметнува.