Мила Кадриу промовира ослободен и провокативен дизајнерски израз

3 декември 2014

Со празнична и романтична музика, танц и идилична зимска сценографија накитена со многу снег, вчеравечер имавме можност во рамките на оф- програмата на Скопскиот моден викенд,  да го погледнеме последното креативно дело од ателјето на дизајнерката Мила Кадриу. Колекцијата Crystal ball, беше уште еден препознатлив дизајнерски израз на Кадриу, проследен со вечерни и свечени креации кои всушност и ја карактеризираат нејзината досегашна дизајнерска нишка.   Различните  конструктивни идеи и нежна нијанса на бои од пастелната колорна палета, создадоа складна композиција што ја долови сликата на нежната и романтична жена за време на празнични и специјални моменти. Освен „глам“ моментот, на писта не изостанаа и неколку носливи парчиња и за преку ден, кои со малку имагинација, лесно би се совпаднале и за дневни моменти каде е потребна доза на класика и отменост.

Зимската приказна, почна да се плете со блокот обоен во пастелно розови нијанси кои алудираа на романтиката и кревката жена, а продолжи во блок од серија на тоалети, „ молив“ здолништа со висок шлиц, такви во миди и макси варијанта,А-крој,  како и неколку изработени од  сив скај, комбинирани со впечатливи топови отворени во задниот дел и кошули во класична и макси транспарентна верзија.

Крајот беше специјално резервиран за  металик златната венчаница со долг шлеп,  во која на изненадување како  модел се појави пејачката Тамара Тодевска која често соработува со дизајнерката.

-Останав доследна на својот дизајнерски сензибилитет, но сепак ја поврзав приказната и терминот на промоција, со претстојните празници. Кревката жена беше мојата основна инспирација, жена која иако има леден поглед може да се допре до неа. Парчињата се прилагодливи за различни возрасни генерации, лесно се комбинираат и едни со други, секако доколку се има малку инспирација.  Идејата за кројот и ткаенините ги имав точно прецизирано, колорната палета исто така се надоврза на приказната, а ваквите бои  досега и нè многу ги имам користено. Сакав да добијам нешто ново, но стилски и не толку комерцијално, истакнува Кадриу.

Видно забележлив беше и послободниот дизајнерски пристап од кројот на креациите, кој од повеќето парчиња како кај кошулите и длабоките деколтеа од тоалетите, палтата и топовите,  ја истакнаа  посакуваната идеја да се нагласи сексапилот и провокативноста, за кои Мила вели дека јасно ги поставила без многу нападност, оптовареност и во рамките на замислата за романтика и гламур.

-Провокативноста и сексапилот што го погледнавте вечерва според мене беше во умерена доза, бидејќи треба да биде и стилски поткрепено во целосниот склоп на колекцијата. Да, сексапилот продава, а за се да изгледа како што изгледаше, навистина посветив доста време за да го постигнам посакуваниот ефект. За мене ова беше колекција изработена од душа и на некој начин беше поинтимна и  наменета за клиентите што го препознаваат и носат дизајнот на MCouture, завршува Кадриу.

 

За дополнителен декоративен ефект кај сите креации, придонесоа и масивните светкави ѓердани кои се надополнија на замислата, а истите се специјално изработени за колекцијата од две дизајнерки на накит, Лилјана Цакиќ и Бранка Данчевска. За сите што ја следат дизајнерската продуктивност на Кардиу, а посебно за девојките што планираат венчавка, таа напролет ја најави следната колекција која ќе биде специјализирана само со венчаници.

Објавено:
3 декември 2014
Категорија: 
Колекции