Посетителите на париската модна недела вчера беа сведоци на прекрасни, тотално женствени и носливи колекции. Свои специјални моменти на пистата имаа дизајнерите како магичниот Ели Саб, Емануел Унгаро, Стела Мекартни, Сен Лоан, Џамбатиста Вали и уште неколку други. Како што и се очекуваше, најголем впечаток остави колекцијата на единствениот Ели Саб кој овојпат прикажа тотална мистичност на пистата прикажана преку прекрасни лелеави фустани, комбинезони, костими и што уште не. Одличен беше и Емануел Унгаро кој на девојките за следната сезона им предлага многу цветни комбинации...
Ели Саб
Големиот Ели Саб за неговата есенска колекција се чини дека инспирација црпел од „темниот, вечерен раскош“ што жените го обожаваат за свечените настани. Тој создаде тотално мистична колекција на фустани, костими, здолништа, комбинезони, панталони и светкави блузички во неверојатно романтични бои. Она што беше особено впечатливо е ризикот што овојпат го преземал дизајнерот со тоа што ги изненади девојките со, за него, не толку препознатливи парчиња, како капути, пеплум блузи, тесни панталони и слично, но сепак на крајот, можеше да се заклучи дека женственоста и луксузот не изостануваа од ниту едно парче. Што се однесува до боите, овојпат Саб ја разигра пистата со темно црвена, црна, темно сина и зелена, а материјалите беа беспрекорни како и секогаш – тој употреби многу свила, тантела, крзно и прекрасни транспарентни материјали.
Џамбатиста Вали
Колекцијата на Џамбатиста Вали се покажа како тотално софистицирана и со неверојатен млад и свеж дух. Покрај прекрасните тесни и свилени цветни фустани до над колената, Вали си поигра и со волуменот, па создаде одлични куси фустанчиња што се ширеа од половината надолу. Голем дел од моделите на фустани беа направени од прекрасна тантела во црвена, црна и темно црвена боја, но имаше и такви кои беа направени од крзно, кожа и светкави материјали. Сите чевли на моделите беа во црна боја, до глуждовите со удобна потпетица. Фризурата и шминката тотално женствена, што беше случај и кај другите дизајнери – минимална шминка и коса собрана наназад во женствен кок. Чантите беа нешто што дефинитивно мора да се спомене – за следната сезона тој ни предлага мали чантички во свежи бои како жолта, бела, розова, виолетова, но и такви без кои девојките дефинитивно неможат – секси и волуменозни!
Сен Лоран
Покрај големиот број поплаки за лошата организираност на ревијата на Сен Лоран и неверојатните турканици во реновираниот Carreau du Temple, мора да признаеме дека делот во кој се прикажуваше колекцијата беше одличен. Од модната куќа уште еднаш создадоа интересни, свежи и младешки парчиња за уникатни девојки. За следната сезона, се чини дека дизајнерот од куќата Хеди Слиман, Сен Лоран девојката ја замислува како модерно олицетворение на ретро модната икона Еди Седвик. Тој за брендот дизајнираше тотално урбани женски костими, односно комбинација од палто со два реда копчиња, бела кошула со интересна панделка и кусо здолниште како од училишна уноформа. Покрај оваа комбинација, на пистата можевме да видиме и одлични куси здолништа од крзно во комбинација со лесни кошули со интересен принт и кожени јакни. Прекрасните светкави куси фустанчиња, крзнените бунди со точки, кадифените фустанчиња и урбаните и тренди зимски капути без ракави беа само дел од волшебната колекција на Сен Лоран со која веруваме дека многумина му ги простија нерегуларностите.
Стела Мекартни
Одличната Стела за следната сезона девојките ги замислува како тотално енергични и полни со самодоверба. Сите парчиња и беа неверојатно носливи и со високо ниво на екстраваганстност. Целата колекција и беше вистински урбана со нежен допир на уметнички ноти. Колекцијата се чини имаше неколку делови – таа претстави топли плетеници, составени од долги здолништа и блузи, но и плетени фустанчиња. Покрај плетениците, дизајнерката на пистата ни претстави и елегантни и супер скроени женски костими, но и палта, хеланки и комбинезони со интересни принтови и златни, на моменти кралски, додатоци зашиени на материјалите. Сосема нормално и очекувано, на крајот дизајнерката претстави и секси куси вечерни фустанчиња со реси во интензивни бои и секси должина. И во оваа колекција, сите девојки што ги претставија моделите имаа навидум несредени коси и ултра минимална шминка. Чевлите беа на рамна платформа во одлични бои како темно црвена, сина, зелена, златна, сива и по некоја ѕвездичка на нив.
Емануел Унгаро
Зад сцената, пред почетокот на шоуто, Фаусто Пуљиси посочи дека сака да го направи Емануел Унгаро повторно еден од најпосакуваните брендови во светот, но и самиот знаеше дека за тоа треба многу беспрекорна работа. Неговата есенска колекција се чини беше направена за девојките кои сакаат да излезат надвор од трендовите и да носат нешто што ги опишува само нив и нивната оригиналност и индивидуалност. За следната сезона, дизајнерот не прикажа ниту ремени, ниту модни додатоци, ниту светкави и впечатливи работи. Девојките носеа кожени панталони, супер урбани фустани полни самодоверба, здолништа со пердуви, транспарентни и кожени блузи, пеплум здолништа, но и волуменозни женски костими полни со одлични принтови. Цветните мотиви што се провлекуваа низ фустаните што „опасно“ ја истакуваа женската фигура беа навистина одлични и тотално ретро. Ниту во оваа колекција не изостануваа крзнените парчиња, особено бундите. Имаше и секси женствени палта и волуменозни капути. Скоро во целата колекција моделите носеа секси чизми до над глуждовите во црна боја, но и такви со интересни дезени.
Сачаи
Јапонската дизајнерка Шитоси Аби создаде навистина неконвенционална, мистична колекција за следната есен. Од 2011 па наваму, ова дефинитивно беше нејзината најсофистицирана колекција прикажана во Париз. Таа шоуто го отвори и затвори со оригинални, волуменозни мото јакни комбинирани со крзно, пердуви, материјал и што уште не. Останатите парчиња од колекцијата беа еден вид грациозно претставување на традиционални машки парчиња. Фантастични плетенини во сива, темно зелена и сина беа прикажани преку одличните џемпери и додатоците на јакните. Таа и даде една посебна димензија на нејзината колекција преку комплицираните волуменозни парчиња, како здолништата и капутите, но и плетените фустани со кои дефинитивно ќе бидете тренди девојка следната сезона. Она што треба да направите е да си одберете едно парче, но погрижете се тоа да бидат оние со прекрасните марами како додаток.