Модната недела во Њујорк за сезона пролет-лето 2020 е во тек, а меѓу првите што ја претставија новата колекција беше и брендот „Каролина Ерера“.
Вес Гордон и овој пат се потруди да ја одржи препознатливата естетика на модната куќа, а сепак да даде и свој печат.
Така, пролетната колекција ја задржа елегантноста на која Каролина секогаш инсистираше во своите креации, но ѝ даде доза на лежерност, претставена и преку кроевите, изборот на материјали...
Белите кошули се секако задолжително парче, во комбинација со макси и миди цветни здолништа. Широките ремени се модниот додаток што ги поврзува речиси сите креации и што дава акцент на женствените делови на телото на жените - струкот и колковите.
Интересно беше да се види како карираниот принт функционира во пролетна колекција, а особено со потпис на оваа модна куќа, а Гордон покажа дека може да биде привлечен и младешки. Ако судиме по колекцијата, точкастиот принт ќе биде се уште актуелен и интересен за носење.
Последниот дел од колекцијата е резервиран за цветниот принт - кој секогаш е прва асоцијација на пролет. Очекувано, но сепак во склад волуменозни, а сепак лелеави креации.
Нас вниманието ни го привлекоа и класичните пролетни еднобојни мантили, како и кошула-фустаните кои секогаш се “ин“.
Со ова на Гордон му успеа да создаде колекција во која ќе се пронајдат дами од различни генерации. Погледнете: