Неодамна во Белград се одржа десетото изданиа на манифестацијата „Balkan Art Fashion Event“, во рамки на кое се претставуваат млади дизајнери од целиот Балкан.
Македонија и оваа година имаше свој претставник. Се работи за младата Моника Ангелевска, со која имавме можност на кратко да поразговараме. Таа на белградската публика ѝ ја презентираше колекцијата „Air“, односно „Воздух“.
фото извор: facebook.com/bafebalkan/
-Почетната инспирација е Ботаниката, односно формите на цвеќињата и листовите. Но, како што работев, мојата главна инспирација стана борбата за чист воздух, па крајниот резултат е комбинација од двете. Инаку, парчињата се изработени од памучен кепер и полиестер, а моделите се изработени од мали листови од еко кожа – ни објасни Ангелевска.
Инаку, ова беше нејзино трето учество на БАФЕ, а впечатоците што ги носи оттаму се повеќе од позитивни.
фото извор: facebook.com/bafebalkan/
-Трет пат се претставив на белградската модна сцена и можам да кажам дека е одлично искуство за млади дизајнери кои се обидуваат да го пласираат својот бренд на модниот пазар, а воедно да воспостават контакти, па дури и клиенти надвор од својата држава – вели Моника.Таа додаде дека наскоро и домашната публика ќе има можност да се запознае со нејзините креации.
фото извор: facebook.com/bafebalkan/
-Следна цел е подготвувањето на мојот дипломски труд, што би значело дека наскоро ќе се претставам и со самостојна ревија во Македонија – најави младата дизајнерка, а во галеријата погоре можете да ја погледнете сите креации од колекцијата „Air“.