NYFW: Последни денови без многу изненадувања и отскокнување од познатото

11 септември 2014

Претпоследниот ден од Њујоршката модна недела  помина не многу поразлично од останатите. Распоредот беше резервиран за 15 дизајнерски имиња повеќе и помалку познати, а од нив ги издвојуваме колекциите на дуото од Проенза Скулер, Бетси Џонсон, Џејсон Ву за женската линија на Хуго Бос и колекцијата на американскиот дизајнер Мајкл Корс.

Проенза Скулер

Благ експеримент преку проверени трендовски искуства 

За дизајнерите Џек Меколоу и Лазаро Хернандез и повеќе од добро познато е дека Американците тешко се одвојуваат од лежерните спортски изгледи. Сепак, за разлика од повеќето дизајнери, брендот Проенза Скулер претстави колекција во која се провлекуваа низа актуелни трендови, но комбинирани на малку поразличен начин од вообичаено. На писта доминираа комбинации од спортски и елегантни парчиња претежно во темните нијанси од колорниот спектар, слоевито парирани едни со други. Иако преовладуваа темните бои, за умерен контраст придонесоа дискретните геометриски принтови, колорните блокови од кожена текстура на мантили, високострукирани панталони и здолништа. За следното лето цврсто изградена модна дефиниција имаат ресите и змискиот принт, кој исто така отскокнуваше преку акцентираната улога од изгледите.

Мајкл Корс

Белата боја и едноставноста секогаш во тренд

Дизајнерскиот опус на Њујорчанецот Корс без никакви осцилации стои константното во рамките на спортската класика. Очекувано тој повторно ја оправда својата репутација со машки и женски креации од обемната колекција што ја презентираше на претпоследниот ден од њујоршката модна недела. Стартот од ревијата беше резервиран за сензуално белите изгледи од кежуал парчиња како здолништа во полн глок споени со едноставни кошули и маички, а откако помисливме дека Корс нема да се одвои од белата боја, на писта продефилираа моделите во впечатливо контрастни комбинации со цветни принтови на фустани, здолништа во А-крој и ремен кој ја нагласува половината, парирани со еднобојни едноставни кошули. И  кај машките изгледи доминираше едноставноста од маички со морнарски пруги во спој со џинс панталони и мантили во пастелна нијанса.

Хуго Бос

Неодминлива софистицирана елеганција

Машките кодови од германскиот бренд Хуго Бос беа приоритетните за Џејсон Ву од создавањето на женската линија. Како и првата колекција која тој ја создаде откако стана извршен директор, така и најновата за пролет-лето 2015 е со чисти и остри силуети со силни геометриски акценти. Малку поразличниот сензибилитет ги прошири хоризонтите од она што може да го понуди Хуго Бос, а „лумпувањето“ на дизајнерот со текстурите дефинитивно ќе привлече повеќе клиенти од малопродажните салони на брендот. Женствените припиени силуети од елегантни коктел фустани, здолништата со должина над колена, струкираните сакоа со нагласена половина и глок здолништата од една страна  ја нагласуваа силната страна на жената која пак дополнително беше потенцирана и преку „гладијаторки“ сандали кои се провлекуваа од сите изгледи.

Бетси Џонсон

Потфрлање со комплетен кич и неинвентивност

Ревијата на дизајнерката Бетси Џонсон можеби претставува некаков знак дека таа треба да се пензионира од модата. Иако можеби публиката во Њујорк очекуваше од ексцентричната дизајнерка да приреди експлозија од бои на слоевити и забавни креации, таа  на чудење за повеќето по сè изгледа со последната ревија претендира да се инфилтрира кон дизајнирањето на венчаници. Но, очигледно на погрешниот начин. Уште од стартот на ревијата на писта се појавија двајца манекени во улога на младенци кои всушност ја покжаа недискриминирачката и либерална страна на дизајнерката кон хомосексуалните бракови. Се на сé, за креациите нема многу да се каже, бидејќи малкуте од нив беа носливи, а повеќето се движеа во рамките на кичот, долната облека и театралноста. Сигурно е само дека Бетси повеќе приреди парада на гордоста отколку модно шоу.

 

Објавено:
11 септември 2014
Категорија: 
Колекции