Шестиот ден од модната недела во Њујорк, каде се презентираат ready-to-wear колекции за есен-зима 2015/16, помина во знакот на големи дизајнерски имиња и брендови, меѓу кои се најде и брендот KTZ на македонскиот дизајнер Марјан Пејоски. Тој рамо до рамо со Вера Ванг, Оскар де ла Рента, Нарцисо Родригез, Marc by Marc Jacobs, ги претстави трендовите за наредната зимска сезона, а кои вклучуваа многу принт и живи бои.
Во продолжение ви ги претставуваме најинтересните моменти од вчерашниот ден, како и нашиот избор на креации, што ни го задржаа вниманието:
KTZ
Нашиот дизајнер вчера го имаше своето прво претставување пред њујоршката публика. Силниот, впечатлив дизајн и овој пат беше присутен. Инспирацијата Пејоски ја побара во минатото.
Со оваа колекција тој искажува почит кон домородните жени од Северна Америка, кои еволуирале во жени полни со моќ и сексуалност. Токму во тој контекст се и првите креации, палта со апстрактни ацтешки принтови. Од друга страна пак, комбинациите со кожени горни делови, или фустани и тесни панталони, имаа за цел да ја претстават урбаната жена.
Низ колекцијата доминираат графички елементи и живи, природни тонови. Иако се навраќа на етно мотивите, сепак вметнува шик елементи со вистинска доза на креативни детали.
И додека едни сметаат дека и Пејоски посегнал по веќе познатото, што и не е толку својствено за него, други сметаат дека тој и овој пат ја покажал својата умешност во кроевите, како и во комбинирањето на материјалите.
Тори Бурч
„Маракеш го запознава Челси“ во Њујорк. Преку насловот на оваа колекција, дизајнерката веднаш ја претставува нејзината замисла – спој на Истокот и Западот, односно кога ќе ги видите креациите, тоа е спој на средноисточните мотиви и украси, со лондонскиот бохо стил, во центарот на Њујорк.
За што поавтентично претставување, дизајнерката одлучи сценографијата, пистата и местата за седење да бидат со марокански килими. Всушност, Тори, која во дизајнерските кругови важи за прагматичен дизајнер, дава една нова верзија на 1970-тите, што може да се нарече Хипи Лукс.
Нејзината колекција се состои од слоевити комбинации, составени од панталони, кошули, фустани и палта. Покрај еднобојните парчиња, повеќето содржат мотиви од источната култура, додека кроевите се сосема во стилот на 1970-тите, со што приказната што таа сака да ја раскаже е комплетна. Многумина сметаат дека оваа колекција на Тори е мошне силна и промислено направена, со што се потврдува нејзината прагматичност.
Вера Ванг
Иако на многумина прва асоцијација за дизајнерката Вера Ванг се венчалните фустани, таа сепак одлично се снаоѓа и во другите сегменти на модата. Овој пат претстави една сосема поинаква колекција, но можеби најблиска до тоа што е таа.
-Колекцијата е рефлексија на она како јас се облекувам и живеам. Не е холивудска колекција – вели Ванг.
Во парчињата е забележливо присуството на 1980-тите во јапонската мода. Широки панталони, волуменозни блузи и палта, џемпери, куси кожени јакни, мини и макси здолништа, како и макси фустани се парчињата што ја сочинуваат колекцијата. Доминира строгиот минимализам, но има и креации каде има и украсни елементи.
Џени Пекам
За разлика од пролетната колекција, каде инспирацијата беше Мерилин Монро, Џени Пекам овој пат се одлучи за нешто потемна, но и полежерна колекција. Неодамнешниот пат во Мадрид и посетата на музејот Прадо и средбата со работата на шпанските уметници, особено онаа на Raimundo de Madrazo y Garreta влијаела дотолку да новата колекција биде инспирирана токму од нив.
Гарета е познат по тоа што неговите дела вклучуваат силни, самоуверени жени, но и задовнички, па оттаму е и големо присуство на текстура, тантела и кашмир, како и боја во новата колекција на Пекам.
Сепак, препознатливоста по свечените тоалети беше и овде присутна и доминантна. Дизајнерката која ги облече речиси сите познати холивудски актери и овој пат понуди сјај што веројатно ќе ги освои повторно, а резултатот ќе го видиме многу наскоро на Оскарите.
Marc by Marc Jacobs
Луела Бартли и Кети Хилер и овој пат преку креациите испратија порака исполнета со младост, енергија и смелост. Токму затоа и комбинациите што се претставени на пистата се со силен и цврст став, надополнет со фина естетика.
-Многу научивме од комерцијалните работи на пазарот. Тоа е бизснис, но всушност е пронаоѓање баланс, а не само создавање глупави работи што само би се продавале – вели Хилер.
Така, во нивната колекција се вклучени графички уметнички елементи, мото јакни, здолништа со тул, но и воени елементи. Она што предизвика внимание се референците на филмот Warriors, но дизајнерките велат дека тоа не е политички став, туку состојба на умот.
-Со ова сакавме да ја покажеме младешката култура и моќта да промената – вели Бартли.
Оскар де ла Рента
Значајна вечер за Питер Копинг, бидејќи вчеравечер беше неговото деби на писта, по смртта на дизајнерот Оскар де ла Рента. Првите редови беа исполнети со семејството на починатиот дизајнер, како и неговите соработници, меѓу кои и Ненси Кисинџер, Тејлор Сфивт, Карли Клос, Барбара Волтерс и други, што го направи спојот помеѓу минатото и сегашноста повеќе од очигледен.
Во веќе препознатливиот стил на модната куќа, Копинг работел на новиот израз на околувратниците, а внесол и младешки дух, играјќи се со тантелата. Дизајнерот исто така ја покажа и својата умешност со боите, како и посветеноста кон деталите.
Нарцисо Родригез
Родригез вчеравечер во Њујорк презентираше нови силуети, долги и витки. Панталоните се со висок струк и должина до подот. Палтата пак се со должина неколку сантиметри под колената. Дел од креавиите оддаваат дводимензионален ефект, а Нарцисо и овој пат не пропушти да ја прикаже умешноста со комбинирање на боите.
Неговата инспирација за оваа есенска колекција е Махараџа, но тоа немаше да можете да го сфатиме ако тоа дизајнерот самиот не го откриеше. Очекувајќи колекција со индиски мотиви, ние добивме една исчистена, софистицирана, па дури на моменти и минималистичка колекција во која ќе се пронајде секоја жена.