Македонската дизајнерка Олгица Ѓоргиева со модниот перформанс во соработка со студиото Прима Данца вчеравечер го затвори единаесеттото издание на Модниот викенд Скопје.
Во просториите на катната гаража „Солунски конгрес“, таа приреди пријатно изненадување за сите присутни кое беше вистинско освежување во годинешното издание на Модниот викенд.
Колекцијата што таа ја претстави беше едноставно наречена „Одбери ја твојата приказна“ или „Choose your fairytalе“, а истата беше микс на две сезони. Дел од истата беа свечени фустани, со оглед на периодот што ни претстои, односно матурите и свадбите.
„Ова беше соработка со танцовиот клуб Прима Данца, пола од настапувачите беа танчери, кои всушност беа задолжени за сценариото и за кореографијата. Манекенките беа навистина возбудени додека се подготвуваше овој перформанс, бидејќи ова беше нешто ново за нив. Мислам дека додека се подготвувавме, сите бевме со позитивна енергија и за многу кратко време го спремивме целиот концепт и мислам дека на крајот излезе сосема добро. Одлучивме перформансот да биде спој на некои бајки што се познати, меѓу кои и некои безвременски. Гледавме да го извадиме тоа што е најспецифично од нив, за да може за толку кратко време, визуелно да се долови. На крајот, сите бајки се создаваат, секој може да си направи сопствена бајка ако одлучи така“, вели Ѓоргиева за Fashionel.mk.
Во однос на материјалите, дизајнерката понуди многу тантела, органтин, жоржет, стилизиран сатен и слично, преточени во интересни модели, претежно куси бајковити фустанчиња.
„Бидејќи креациите се претежно свечени, станува збор за облека за одредени прилики. Се работи за ексклузивни креации со уникатен дизајн и сите оние кои сакаат нешто поразлично, елегантно и уникатно, мислам дека можат да се пронајдат во креациите. После Модниот викенд, колекцијата ќе може да се купи или нарача во ателјето „ГО Ѓоргиева Олгица“. Во наредниот период ќе имаме концепциски промени во работењето, каде ќе се разграничат и дефинираат активностите во „ГО Ѓоргиева Олгица“. Ќе има и новини во тој поглед, а една од активностите ќе биде online продавница“, вели дизајнерката.
Сосема во нејзин стил, Ѓоргиева повторно понуди детали кај креациите, како волуменозни и впечатливи цветови, пердуви, тул, панделки и светки.
Колекцијата беше составена од околу десетина модели, претежно романтични и погодни за периодот на прослави што следи.
Особено воодушевување кај публиката предизвикаа момците од клубот Прима Данца кои по којзнае кој пат одлично си ја завршија работата.