Честа да го заврши 12-тото издание на Моден викенд Скопје и оваа година ѝ припадна на дизајнерката Олгица Ѓоргиева.

Таа се претстави со колекцијата „Just GО“, која како вели претставува една ретроспектива, но и надоградување на она што досега го работела.

-Колекцијата претставува навраќање на мојата работа, на сè она што претходно сум го работела, само во едно поинакво светло. Видоизменети кроеви, проширени техники на доработка, меѓутоа кога ќе ја погледнете целината ќе видите дека го носи мојот печат – објаснува Ѓоргиева.

Таа додава дека при создавањето на истата, ресурсите ги барала длабоко во неа.

-Сакав да биде оригинално да биде „мое“! Акцентот е ставен на личноста, на индивидуалноста и оригиналноста. Застапени се чисти линии со доработки, нешто што ме отсликува мене како дизајнер – потенцира дизајнерката.

Колекцијата содржи широки панталони, фустани со широки здолништа, комбинезони и фустани со длабок V-израз, како и интересни здолништа, изработени од повеќе материјали.

-Може да се сретне кадифе, жоржет, волница, плетенина, а во однос на техниките, наликува како што реков и претходно, на она што досега сум го работела, но ресурсите се различни. На пример, волницата ја користев на малку поинаков начин – вели Олгица.

За разлика од претходните, оваа колекција на дизајнерката беше нешто помала и со поразличен концепт.

-На некој начин, ова ќе биде визит карта на мојата компанија, односно што нашите клиенти може да очекуваат од нас, какви услуги можат да добијат. Има секојдневни парчиња, свечени тоалети, венчаница... Во секој случај парчиња за личности со дефиниран и специфичен вкус, што точно знаат што сакаат – ни изјави дизајнерката.

Таа додаде дека во моментот е комплетно посветена на работата тука во Македонија, што не ја исклучува можноста и за презентација надвор.

- Не сакам премногу да ја расфрлам енергијата, затоа што за наредниот период имам зацртано неколку работи што треба да ги реализирам и од кои ми зависат наредните активности, така што, одам чекор по чекор – најави Ѓоргиева.

Објавено:
26 октомври 2015
Категорија: 
Мода
Прочитано:
2.426 пати