Еден од омилените дизајнери на кралското семејство Ердем Моралиоглу ја претстави новата есенска колекција која дамите веќе ја обожаваат.

Овојпат, тој посочи дека се инспирирал од италијанската принцеза Ориета Дориа Памфиљ и нејзиниот живот, а особено бил обземен од раскошната палата во која живеела и од сите приказни што куќата ги чувала во себе.

Токму таа инспирација беше и повеќе од очигледна со оглед на тоа што дизајнерот на пистата претстави фустани и палта од исклучителен материјал, украсени со фантастични детали што беа и повеќе од кралски.

Речиси сите парчиња беа ултра романтични, прикажувајќи воедно и детали како впечатливи шапки, ракавици, шик чевли со ниска потпетица, чизми со животински принт и стилски салонки.

Дел од ревијата беа парчиња за сечиј вкус, за елегантните дами супер скроени костими со здолниште, за шик девојки женски костими со принт и копчиња, за романтичарките, фустани со принт во А крој.

Во колекцијата дизајнерот смести и доста плетени парчиња, а особено беа прекрасни ретро џемперчињата со копчиња во предниот дел.

Сосема на крајот беа прикажани и раскошни светкави фустани што принцезите ги носеле на разни забави, збогатени со впечатливи панделки во пределот кај вратот и секако, задолжителните шапки за заокружен дамски стил.

Инфо: Vogue.com

Фото: Daniele Oberrauch / Gorunway.com

Објавено:
19 февруари 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
241 пати