Почнува со смирени, елегантни и минималистички одела, а завршува со ексцентрични панк верзии на луксузот со предимензионирани геометриски облици вметнати преку деталите – во својата деби колекција за Живанши, 34-годишниот американски дизајнер Метју Вилијамс цели кон тоа да оставари забележителен старт на новата ера за брендот која почнува со оваа соработка.
Некаде помеѓу беспрекорната класика и урбаната лежерност, всушност главниот ритам го диктира индустрскиот стил и неговиот широк поглед на современиот изглед на модните улици, храбро посегнувајќи по експериментирањето со формите и деталите.
Вилјамс дава своја интерпретација на современите Живанши мажи и жени, чие присуство е моќно и забележливо, пренесено преку симбиозата на елегантни и ексцентрични парчиња споени во целини кои добро функционираат.
Во своето објаснување за колекцијата вели дека, воопшто не се труди да креира по одредена тема, туку неговиот фокус е на секое парче посебно и еден од основните критериуми што ги следи е всушност тоа да се вклопува и во неговиот персонален стил, односно принципот креирам тоа што и самиот би сакал да носам.