Колекцијата „Зебра“ на дизајнерката Ирина Тошева која неодамна беше прикажана на Моден викенд Скопје, го доби и својот официјален едиторијал. Фотографиите се на модниот фотограф Миладин Паповиќ, шминката на Виктор Мирчевски, фризурите на Studio Allure, додека улогата на модели им припадна на: Елена Гугоска, Сара Миленковска и Вања Трампевски. Едиторијалот е реализиран во соработка со Македонската опера и балет, а со поддршка на My:Time објавен е и во форма на печатен каталог со графички дизајн на Кристина Манчева.
Колекцијата низ 13 изгледи за мажи и жени изработени од памук, сомот и волна, говори за динамичната џунгла од бетон во која што живееме и нејзиното влијание на нас. Креативниот концепт носи порака да погледнеме подалеку и да сфатиме дека и урбаното е дел од еден поголем систем, дел од природата.
„Успеавме да ја пренесеме пораката на колекцијата низ фотографиите. Моделите се во контраст на нивната линеатна околина. Работевме на концептот повеќе од два месеци.“ - изјави фотографот Паповиќ.
„Зебрата е всушност пешачки премин. Ја користам како симбол на промена и индивидуалност. Едиторијалот повикува да не ја заробиме нашата природа.“ – појаснува дизајнерката Тошева.
„Го анализирав милозливиот, а сепак горд поглед на заробените животни“ – Виктор Мирчевски го објаснува концептот за шминката.
Инаку, колекцијата е достапна во: Lotus Design Store на вториот кат во Сити Мол-Скопје, интернет продавницата bastetnoir.com, и al.to во Љубљана.