Миленикот на жените, Зухаир Мурад конечно го објави лукбукот за неговата колекција за есен 2015, во кој по кој знае кој пат смести раскошни и сензуални модели.

Неговата есенска приказна овојпат почнува со неверојатни црно – бели модели, меѓу кои и фустани како создадени за на црвениот килим, но и елегатни панталони комбинирани со неодоливи светкави блузички.

Палетата на бои на дизајнерот овојпат почнува од млечно бела украсена со црни светки, па сѐ до нежно сина и боја на кожа кај кусите фустанчиња.

Како и секогаш, Мурад понуди долги раскошни тоалети, транспарентни блузички украсени со богати детали, тренди бели комбинезони со ремен на половината, а во понудата секако ги има и неговите добро познати креации целосно изработени од тантела.

Лукбукот што дизајнерот го направи за презентација на колекцијата е сосема едноставен со виолетова сценографија со што целиот акцент е ставен на прекрасните модели.

Во фокусот на колекцијата се дефинитивно и одличните чевли што дизајнерот ги комбинира со моделите, во едноставна боја на кожа со врвки и суптилен шпиц.

Во продолжение, погледнете ги сите модели од одличната есенска колекција на дизајнерот.
