По цели пет години на местото креативен директор на брендот, талентираната Клер Вејт Келер со последната колекција за Клое се прости од тимот во Париз. 

Позната по романтичните ретро парчиња, фантастичната Клер повторно покажа супер парчиња во бохо стил, нешто што со години ја дефинира модната куќа Клое.

Ревијата започна прикажувајќи интересни капути и крзнени палта во А – крој, за потоа да продолжи во ретро стил истакнувајќи ја убавината на комбинезоните, лежерните фустанчиња со цветен принт, рачно плетените волуменозни џемпери и сите останати парчиња.

Во нивен стил, тие прикажаа и доста тантелни парчиња, но и лелеави и транспарентни фустани и кошули. Она што беше навистина интересно и дефинитивно најавено како тренд, беа нежните и романтични тантелни фустани комбинирани со масивни плетени џемпери, нешто што е совршено за овој период од годината.

Што се однесува до боите, на пистата на Клое имаше навистина широка палета во која присутните уживаа. Почнувајќи од ретро кафена, па сѐ до бела и црна, помешани со пастелни тонови, нијансите беа вистински празник за очи.

Како и секогаш, дизајнерката се погрижи да не заборавиме дека модната куќа ги прави најдобрите модни додатоци, па така повторно прикажа шик чанти со кусо златно и долго кожено ремче за кои знаеме дека ќе ги обожавате. Погледнете ја последната колекција од Клер за Клое...

Објавено:
2 март 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
192 пати