Прада во чест на храброста и дамите во униформа

25 февруари 2023

Белиот памучен крин во оригами стил, што беше тематски вклучен и во самите покани што се делеа за ревијата на Прада, симболизираше повеќе нешта. Пред сè сериозноста на целата воена ситуација помеѓу Русија и Украина, што трае веќе една година, но и надеж за иднината.

Токму тоа им беше замислата на Мучиа Прада и Раф Симонс при создавањето на колекцијата есен 2023.
Со своите ready to wear креации го потенцираа моментот на давање, на грижа за другите и ги возвишија скромноста и пожртвуваноста на професиите коишто ја имаат токму таа цел.

Акцентот беше ставен на униформата и нејзиниот приказ во една малку поинаква димензија и на благодарноста на оние кои ги носат овие парчиња додека спасуваат животи. Војничката, заедно со униформите на медицинските сестри според Прада се потполно зрели за реинтерпретација.

Здолништето со разните варијации од мини до предимензионирани модели, блејзерот, кошулата-фустан и класичните пантолони со раб дефинитвно ги имаа своите пет минути.

Додека малиот, но моќен детаљ, оригами кринот, којшто беше нераскинлив дел од повеќето креации овој пат совршено ја пренесе пораката преку модата.

Фото: Vogue

Објавено:
25 февруари 2023
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
405 пати
Тагови: 
Прада