Вториот ден од миланската модна недела помина во знакот на лудите принтови, пругите, разочарувањата од некои од дизајнерите и неверојатната колекција на Москино инспирирана од перална за автомобили. Ние ги издвоивме највпечатливите модни ревии од вчерашниот ден, а како тие поминаа, дознавате во продолжение.
Прада
Омилената ревија на трендсетерите за која во Милано се бара карта повеќе, годинава се чини како да разочара. Речиси сите парчиња на Прада беа олицетворение на женствен, деловен стил, но со измешани, помалку чудни принтови.
На пистата претежно можевме да видиме палта комбинирани со здолништа со должина до колената, со крути и остри кроеви, многу кариран принт, но и пруги во различни бои и дезени. Дел од колекцијата беа и ретро фустаните што нѐ навратија на лудите 70 – ти, а Миуча Прада прикажа и доста стилизирани кабаници за дождливите пролетни денови.
Можеби најинтересни во целата колекција беа украсените, долги палта во светли бои надополнети со различни форми на цветови и други детали. Интересни беа и чантите и чевлите што дизајнерката ги подготви за следната топла сезона, кои во духот на останатите парчиња од колекцијата, беа колоритни и исклучително забавни.
Макс Мара
Можеби една од најинтересните колекции на вчерашниот ден од Миланската модна недела беше онаа на италијанската модна куќа Макс Мара. За следната сезона, брендот отиде чекор понапред и понуди навистина носливи, секојдневни парчиња украсени со интересни и шик принтови.
Во колекцијата можевме да видиме прекрасни палта во пастелни бои, тенки џемперчиња со ѕвезди, долги палта и фустани на пруги, но и совршено скроени панталони со златни копчиња во горниот дел. Палетата на бои беше навистина прекрасна и пролетна и се состоеше од претежно светли бои со присутво на црната во одредени комбинации, црвената и жолтата кај принтовите.
Како најатрактивно парче од колекцијата ние дефинитивно би го издвоиле фустанот со црвено – бели пруги, палтото со ист дезен и неверојатно женствените панталони со висок струк.
Фенди
Интересна и малку поинаква колекција на пистата прикажа брендот Фенди, составена од парчиња во одлични бои во кои дефинитивно преовладуваше „циглата“.
Дизајнерското дуо составено од Карл Лагерфелд и Силвиа Вентурини Фенди, прикажа интересни фустанчиња и палта со несекојдневни отвори на страните.
Особено интересни беа кошулите со широки ракави и интересен вез во горниот дел кај вратот. Вистински модерни беа и кожените комбинезони, јакни и здолништа со ултра шик детали како врвки, ремчиња и различни плетки.
Емилио Пучи
Масимо Џорџети вчера го имаше своето деби за иконската модна куќа, откако кормилото го напушти големиот Питер Дандас. Највпечатливи од сите негови комбинации и парчиња, дефинитивно беше зелениот мантил комбиниран со светкав фустан во иста нијанса и гладијаторски сандали.
Што се однесува до другите парчиња, се чини дека Џорџети има уште многу работа за да се покаже во вистинско светло и да го опрвада неговиот ангажман во модната куќа. Низ целата колекција преовладуваа транспарентните парчиња комбинирани со плисирани здолништа и панталони.
Поинакви беа и комбинациите на нежни тантелни фустанчиња со светкави и малку погруби парчиња кои на моменти изгледаа добро, но би биле совршени доколку настапеа одделно на пистата.
Кај речиси сите парчиња од колекцијата преовладуваа свежи, шумски принтови, а што се однесува до чантите можеме да кажеме дека тие најмногу се издвоија од целата колекција.
Москино
Еден од дизајнерите што се чини дека најмногу се забавува во животот, уште еднаш понуди одлична, колоритна колекција за свежи пролетни денови. Од сезона во сезона, идеите и обожавателите на Џереми Скот стануваат се поголеми и побројни.
Темата на неговата ревија во Милано беше Car – Wash Couture, па токму такви модели можевме да видиме и на пистата. На голем дел од парчињата беа испишани сообраќајни знаци и натписи, на дел од комбинациите, сосема нормално, стоеше името на брендот, но речиси сите беа подеднакво забавни.
Сосема во негов стил, Скот прикажа здолништа со висок струк, палта, фустани и откачени мантили во неверојатно забавни и неонски бои, а за дел од модните додатоци, односно за шапките го најми најпознатиот милинер Стивен Џонс. Сосема на крај, тој остави простори и за интересни, помалку свечени и откачени фустани во црно – жолта варијанта, а секако, кралот на модните додатоци и овојпат направи тотално шик избор.
Очекувано, тој на пистата прикажа и различни додатоци во форма на детергенти, фустани со реси што потсетуваа на вистинска перална за автомобили, а и самиот блесна сосема на крајот во окружување полно меурчиња!