Фантастичната Роксанда Илинчиќ има нова ресорт колекција која, како што можете да замислите, е неверојатно колоритна како и сите досега.
Овојпат, дизајнерката ќе каже дека се инспирирала од работата на американската апстрактна сликарка Хелен Франкенталер за која дознала неодамна и вистински се воодушевила.
„Никогаш немав слушнато за неа. Мојата пријателка Јана Пил од галеријата Серпентин ме запозна со нејзината работа. Не и се веруваше дека не ја знаев, со оглед на тоа што моите дизајни и нејзините слики се толку слични и колоритни“, вели дизајнерката за Вог.
Кога подобро ќе видите, тие дефинитивно се неверојатно слични. Дизајнерката го искористила тој момент, па нејзината ресорт колекција се чини е одговор на работата на уметницата.
„Гледав во нејзините дела и си велев колку всушност се тие убави и спонтани и сакав на некој начин да ги преточам во моите дизајни“, вели таа за магазинот.
И овојпат нејзините парчиња се во јаки бои меѓу кои и неколкуте омилени виолетови нијанси комбинирани со неодолива портокалова, нежно розова, елегантна црна, бела, јака розова и сина.
Таа претстави совршено скроени женски костими, лежерни фустани насликани со неколку бои, парчиња со 3Д апликации, стилски високи чизми, кожени влечки во неколку бои, интересни чанти и обетки со разни форми.
Извор и фото: Vogue