По само неколку дена откако Долче и Габана ја прикажаа нивната нова колекција од високата мода во Токио, Диор и Марија Грација Кјури приредија подеднакво добро шоу во градот кој се чини стана нов центар на модата.

Брендот го прослави отворањето на бутикот со ревија на која ја прикажа последната пролет/лето 2017 колекција претставена во Париз, но и некои нови парчиња кои освоија од прва.

Бутикот на брендот се наоѓа во луксузниот трговски центар Ginza Six во срцето на јапонската престолнина, на чиј покрив се одржа и ревијата на Диор.

Колекцијата што ја прикажа дизајнерката беше всушност истата онаа претставена во Париз овој јануари, но по повод отворањето на бутикот, присутните можеа да видат и некои сосема нови, романтични парчиња.

Лавиринтот и тајната градина и овој пат беа централните моменти од одличната сценографија за ревијата низ кои прекрасните девојки шетаа облечени во долгите романтични фустани, раскошни свилени палта, здолништа од тул и топли и шармантни широки џемпери.

Со цел да ја истакне почитта кон Јапонија и сѐ она по што таа е позната, креативната Марија Грација Кјури создаде и неколку парчиња плус на кои постави апликации од црешовиот цут, го испиша името на Јапонија, а се инспирираше и од јапонските градини.

Таа креираше шармантни чанти по кои брендот е познат, но овој пат црните и нежно розовите модели ги украси со цветови од цреши и буквите на Диор.

Дел од нејзините нови парчиња беа и шармантните плисирани здолништа од тул кои таа ги комбинираше со удобни џемпери и високи чизми, а претстави и кожени јакни со апликации во долниот дел, како и палто – фустани и неколку модели чевли.

Извршниот директор на брендот Сидни Толедано, изјави дека со отворањето на бутикот во Токио сакаат целосно да им се посветат и на тамошните нивни купувачи, кои досега многупати докажале дека знаат да ги ценат луксузните брендови и високата мода.

Објавено:
21 април 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
159 пати