Неделата на висока мода во Париз продолжи и вчера со прекрасните колекции на неколку од светски познатите дизајнери кои создадоа волшебни парчиња за сезоната пролет – лето 2014.
Во колекциите на Џамбатиста Вали, Кристијан Диор, Алексис Мабил и уште неколку други дизајнери беа презентирани многу светли и свежи бои преточени во магични тоалети за кои веруваме дека многу скоро ќе се најдат на црвениот килим.
Џамбатиста Вали
Giambattista Valli
Колекцијата на Џамбатиста Вали беше вистинска бајка – преполна со „вкусни“ бои и прекрасна екстравагантна декорација. Гламурозните комбинации на бои уште еднаш покажаа дека дизајнерот навистина знае што сакаат жените. Прекрасните кроеви на фустани и здолништа со интересни детали од кои најголем впечаток оставија совршено сошиените светкави парчиња на фустаните, ја оставија без здив целата публика. Неговата понуда на волуменозни здолништа во кралско сина боја беа едноставно совршени во комбинација со светкавите горни делови. Ова беше една колекција што дефинитивно ќе ја гледаме на холивудските ѕвезди на црвениот килим следната сезона.
Кристијан Диор
Christian Dior
Под палката на Раф Симонс, во оваа колекција на Кристијан Диор можевме да видиме еден модерен пристап кон високата мода. Минатата сезона, дизајнерот презентираше мулти културна колекција со која сакаше да излезе од рамките на она по што досега е познат – најдобар француски бренд. Во оваа колекција, дизајнерот прикажа еден сосема поинаков свеж и младешки дух во прекрасните и поинакви креации. На модната писта беа прикажани интересни кошули, фустани и здолништа со различна текстура добиена преку различни форми на отвори. Ниту овојпат, не изостануваа прекрасните и гламурозни фустани за кои се надеваме дека ќе ги видиме многу наскоро на миленичката на Холивуд Џенифер Лоренс.
Алексис Мабил
Alexis Mabille
Креативниот дизајнер Алексис Мабил на пистата во Париз на публиката и ја прикажа прекрасната божица инспирирана од грчко – романските статуи. Она што дополнително внесе романтишен и шармантен дух во целата колекција беше сценографијата направена од безброј хартиени пеперутки што дури во некои моменти можеби и пречеа за да се доловат моделите. Скоро сите модели во колекцијата беа во бела и беж боја што уште повеќе ги правеше прекрасни. На пистата можеа да се видат претежно долги фустани направени од нежна тантела, сатен и свила со беспрекорни додатоци. На половината на девојките беа поставени интересни и светкави ремени, а што се однесува до аксесоарите, кај девојките највпечатливи беа масивните дијамантски обетки.