Росица Мршиќ го отвори единаесеттиот Моден викенд Скопје

4 април 2015

Вчеравечер со ревија на македонската дизајнерка Росица Мршиќ во катната гаража „Солунски конгрес“  беше отворен ревијалниот програм на единаесеттото издание на Моден викенд Скопје.

Дизајнерката остана доследна на својот креаторски  дискурс, па колекцијата  за актуелната сезона пролет-лето е олицетворение на нејзиниот урбан и концизен стилски израз, надополнет со храбро експериментирање со нови форми и кроеви.

Иако колекцијата е составена од парчиња облека со асиметрични кроеви со прецизни и строги линии, на крајот се постигнува релаксиран изглед  во кој е сеприсутна играта на бои, дезени и ситен принт.

Како што вели Мршиќ, пролетно-летната колекција е дефинирана од употребата на три термини: асиметрија, контраст и строгост на униформата. Резултат на експериментирањето се парчињата облека со вграден контраст на чистите наспроти комплексните и нагласени линии, а навидум едноставните парчиња облека имаат повеќеслојни интригирачки детали во одредени делови. Ефектот на асиметричен баланс е постигнат со користење на жолтата и драматично црвената за контраст на белата и црната боја. Користените природни материјали со релјефна структура помагаат во создавање удобни и динамични парчиња облека за дневен до вечерен изглед.

Секој изглед беше заокружен со сандали на дебели, високи потпетици - кои го продолжуваат трендот од минатата сезона, додека шминката и фризурата беа повторно во знакот на минимализмот, со неутреален и природен изглед на лицето и коса собрана во опавче.

Мршиќ продолжува да го шири својот бренд во САД преку новата соработка со платформата на „19-th Amandment“, на која може да се купат нејзините колекции.

Вечерва на истата локација во рамките на Модниот викенд ќе имаме можност да ги погледнеме ревиите на студентите и професорите од Факултетот за Арт и дизајн на ЕУРМ, модниот перформанс „Да ставиме крај на насилството врз жените и девојчињата-сега!“, ревијата на гостинката Флутура Дедиња која беше присутна и на претходното издание на Модниот викенд Скопје, потоа следува ревијата на Ирина Тошева и на крај вечерта ќе ја затвори повторно гостинка, овој пат Јована Марковиќ од Србија која пред македонската публика ќе се претстави со моден перформанс.

 

Објавено:
4 април 2015
Категорија: 
Колекции