Со креативната работилница на која се дебатираше на тема бизнис и иновација во модната индустрија, вчера беше одржан третиот ден од српската недела на дизајнот, за потоа да продолжи со претставувањето на шест модни шоуа на дизајнери од Босна и Херцеговина, Унгарија, Белорусија, двајца од Србија и ревијата на нашата дизајнерка Росица Мршиќ. Белорусинот Andrey Varashkevich, ја презентираше својата еклектична замисла за тековната сезона пролет-лето 2014 година, а колекцијата беше претежно изработена од лесни и лелеави тетстури во силни бои од кои пак, фокусот го имаа необично споените цветни и животниски принтови.
Со инспирација од индиското сари, како и мотиви од кинеското кимоно, дизајнерката Амела Рада од Босна и Херцеговина, на почетокот од ревијата пред српската публика понуди макси фустани од лесни и сјајни материјали во шеќерни нијанси, за подоцна колекцијата да кулминира со миди и макси фустани во бохо стил на кои централен фокус имаа посилните бои од пејсажните принтови.
Во агендата од третата ден на интернационална вечер, стоеше и името на дизајнерката Росица Мршиќ, која пред тамошната публика ја презентираше колекцијата пролет-лето 2014 година, што неодамна имавме можност да ја погледнеме на завршетокот од деветтата сезона на скопската модна недела.
Српскиот моден викенд ќе трае до утре, а дотогаш ќе бидат претставени уште 6 модни ревии, а за крај ќе бидат доделени и модните награди за најдобрите.