„Шанел“ е еден од брендовите кои го затворија ова издание на модната недела во Париз. Креативната директорка Вирџин Вард одлучи овој пат колекцијата да ја посвети на твидот - ткаенината која стана една од препознатливостите на француската модна куќа.

За таа цел дури и сценографијата беше „облечена“ во твид. Коцките на кои публиката седеше, ѕидовите, подовите - се' беше во твид, а секако доминираше и во новите креации.

Кога е колекцијата во прашање, твидот овој пат беше комбиниран со гумени чизми со логото на брендот и чевли на ниска потпетица.

„Да се посвети цела колекција на твидот значи и негово признавање. Ги следевме чекорите на Габриел Шанел, на крајбрежјето на реклата Твид во Англија, за да можеме да го замислиме твидот во боите на овој пејсаж - па како на пример оној розов капут со сино и виолетово или пак бордо оделото со деликатни златни светки. Тоа е она што Шанел би го правела при прошетките во шкотските села - би собирала папрат и цвеќе, а со нив би ги инспирирала и локалните занаетчии, за нијансите кои ги посакувала во своите колекции. Не постои ништо посекси кога ја носите облеката што ја сакате“, потенцира Вирџин.

Токму затоа и сцената е во форма на речно крајбрежје, а пораката што дизајнерката ја праќа со оваа колекција е дека класиката е вечна, а со тоа и „Шанел“.

Во исто време, оваа колекција е и признание за Лагерфелд и неговата вештина да препознатливото лого го имплементира во модерните кроеви, па не е случајно тоа што дел од последната колекција на „Шанел“ потсетуваат на некои негови минати трудови.

Освен широки мантили, кожени панталони, блејзери, колекцијата содржеше и креации за вечерни пригоди - црни фустани од твид, но и од свила. Едно од највпечатливите парчиња секако беше сјајниот долг капут, кој се носи и како фустан. 

Креацијата што ја затвори ревијата беше фустан од тантела со длабоко V деколте, во предниот дел на закопчување е спој на сексапил и формалност.

Крајниот впечаток е дека оваа колекција посветена на традицијата понуди многу повеќе свежина од претходните ревии на „Шанел“ каде се забележа креативен пад. 

Повеќе модели погледнете во галеријата на почетокот, а целото шоу во продолжение:

 

 

Објавено:
9 март 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
332 пати