Со одлична колекција eNVy room го отвори новото издание на Fashion.hr

17 март 2016

Со одлична колекција препознатлива за модното дуо, eNVy room го отвори новото издание на еден од најпознатите модни настани во Хрватска BIPA FASHION.HR.

Сосема очекувано, на ревијата на брендот се појавија некои од најголемите ѕвезди во Хрватска кои ги обожаваат неверојатните креации на двајцата дизајнери.

Хрватските трендсетерки се појавија во парчиња од новата колекција на брендот со која тие уште еднаш докажаа зошто се едни од омилените меѓу девојките.

Колекцијата за есен/зима 2016./17. е токму онаква каква што сите очекуваа – женствена, романтична, помалку бохо, а истовремено секси и заводлива.

Иако во многу наврати креациите на брендот потсетија на оние на Валентино и Долче и Габана, тие сепак ги освоија симпатиите на публиката.

На пистата можеа да се видат прекрасни транспарентни фустани со карнери и неодолив цветен дезен, секси долги тоалети, панталони со висок струк од интересен материјал и неодоливи комбинезони.

Подеднакво добра колекција на втората вечер имаше и одличниот хрватски дизајнер Роберт Север, но малку поинаква и повеќе бохо од онаа на eNVy room.

Дизајнерот прикажа прекрасни бохо романтични кошули во неколку бои, лежерни блузички со реси, тесни панталони со висок струк во неколку бои, слатки и удобни тексас фустанчиња, но и супер тренди цветни наметки и лелеави фустани.

Погледнете ги најубавите креации од нивните ревии што оставија навистина огромен впечаток кај публиката.

Објавено:
17 март 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
349 пати