Со модниот перформанс на Роберт Ивановски, видео презентацијата на Александра Митковска и ревиите на Лидија Георгиева и Росица Мршиќ, заврши деветтото издание на Моден викенд Скопје. Различни техники, сензибилитети и идеи за тоа како треба да изгледаме во сезона пролет-лето 2014, последниот ден го одбележа обединувањето на андерграундот на Ивановски, урбаноста на Мршиќ и нежноста и романтичноста на Георгиева.
Војната низ призма на младиот Роберт Ивановски
На македонската модна сцена стана препознатлив по темните креации и авангардниот пристап, но овој пат дизајнерот Роберт Ивановски презентираше понослива колекција во која преовладуваше белата боја во спој со контрастната црвена која симболизираше крв. Наместо преку класично претставување, Ивановски на публиката и понуди моден перформанс во подземната гаража на салонот Ауди Порше, каде видовме женски и машки креации инспирирани од војните и последиците од истите. Колекцијата „Wounded“(Ранети) беше сочинета од женски бели корсети во различни форми, изработени од еко кожа од кои највпечатлив беше преплумот кој во задниот дел преминуваше во „опашка“. Пенкало здолништа, цигара панталони, палта со нагласена половина и прекршени форми, кратки панталони и наметки, додека машките модели како кошули, фармерки, шорцеви и елеци беа изработени во истата техника како и женските, односно обработени со текстилна црвена боја која контрираше на белата текстура. На перформансот изненадување беа и двете малечки дечиња кои се појавија во минијатурни креации како оние на останатите модели. Дизајнерот Ивановски вели дека за овој перформанс се инспирирал од војните и последиците од нив.
-Сакав колекцијата да биде футуристички настроена и сакав да претставам војна во денешно време. Контрастите од бела и црвена овој пат беа мојот избор за да нема црна боја која можеби е очекувана од мене. Ги сакам промените, а за оваа колекција се водев по инспирација поразлична од претходно. Преку креациите се истакнуваат облините на жената од специфичните кроеви, а од материјалите најмногу применив еко кожа, ја вметнувам во се, а овој пат беше бела и по дискретна. Бидејќи колекцијата е за сезона пролет-лето, употребив и лесни и меки материјали за да бидат пријатни на топлото време, освен жоржетот кој е повеќе синтетички. Исто така работев со бои за текстил, а парчињата ги вриев во вода и навистина уживав дека ја изработував таа техника. Засега немам испланирано други претставувања на колекцијата, но наскоро имам план да се направи фотосесија за истата - најавува Ивановски.
Во однос на организацијата на оваа наша модна манифестација, тој смета дека условите се подобри, а од неговото лично искуство, дизајнерите добиваат се подобар третман.
-Секој различно гледа на оваа прашање, што е нормално, а моето мислење е дека одиме кон подобро - вели Роберт.
Видео - видување на колекцијата „Кластер“ на Митковска
Колекцијата есен-зима 2014, насловена „Кластер“ која ја видовме на минатото издание на Моден викенд Скопје, овој пат беше преточена во видео форма. Ова беше една сосема поинаква презентација, со оглед дека истата минатиот пат ја видовме на писта заедно со експерименталната колекција за пролет-лето претставена преку перформанс. Воедно ова видео беше на некој начин потсетување на парчињата за наредната сезона, имајќи предвид дека повеќето дизајнери на годинешното издание презентираа колекции за актуелната тековна сезона.
-На претходниото издание беа презентирани само дел од моделите, а во вид на модно видео сега имавте можност да ја видите цела. Се надевам дека оваа колекција ќе ја видат и во Милано во некои бутици или евентуално во некој шоу рум, вели Митковска.
Нежен „Допир“ на Лидија Георгиева
На последниот ден од оваа модна манифестација, свое модно шоу имаше и дизајнерката Лидија Георгиева, насловена како „The touch“ односно „Допир“. Уште на самиот старт публиката доживеа изненадување, кога на пистата се појави девојка на ролери, во транспарентен фустан во земјени нијанси и маска од тантела на лицето. Таа во повеќе наврати се појавуваше, преку што всушност и се назначи враќањето на дизајнерката кон почетоците.
Всушност, маската беше еден од додатоците кои се провлекуваа низ целата колекција, како и футуристичките метални ѓердани. Особено впечатлив беше оној што истовремено претставува и ѓердан и обетки.
Во однос на креациите можеа да се видат фустани, хеланки, маички, туники изработени од различни материјали, најчесто транспаретни, со цветен дезен, а особено внимание привлекоа комплетно црните комбинации, каде особено се истакнуваше женскиот сексапил, нешто што се очекуваше од дизајнерката. Дел од креациите имаа и посебно дизајниран принт, кој потсетува на ангелски крилја, а токму со нив Лидија сакала да допре до публиката.
-Мојот допир беше допир на ангелските крила, но може да биде и било која емоција што вие ќе ја одберете. Негативна или позитивна, изборот ќе биде ваш, но секако да содржи емоција. Исто така, беше допир со моите корени, почетоци, па од материјалите беа застапени кожа, тул, тантела, муслин, жерсе... Допирот што јас го презентирав е нежен... – објаснува Георгиева.
И токму тој избор на различни материјали и техники што таа ги спојува и што ја карактеризираат, создадоа впечаток на леснотија при движењето, карактеристични за пролетта и допирот што сакала да го нагласи.
Меѓу впечатливите моменти беше и изборот на чевли. Лесната адаптибилност на креациите во дневни и вечерни комбинации, придонесе и за избегнување на „унифицираноста“ кога се чевлите во прашање. Така, освен балетанките, сандалите и чевлите во боја, на пистата видовме и комбинации со чизми со полна пета.
Во однос на тоа каква повратна реакција очекува од оваа колекција и нејзиното понатамошно презентирање, таа вели:
-Не се занимавам со фидбекот додека не помине ревијата, така што ќе можам повеќе да кажам откако ќе ми стивнат впечатоците. Што се однесува до понатамошното претставување на колекцијата, ќе има и веќе сум во некои предговори... Една презентација е сигурна, но сепак, ќе најавам подоцна, сè уште е рано.
Росица Мршиќ - усогласеност помеѓу препознатливоста и новитетите
И ова издание на Моден викенд Скопје го затвори дизајнерката Росица Мршиќ. Иако остана доследна на геометриските, чисти линии и архитектонското градење на силуетата, сепак понуди и нешто ново, презентирано и преку изборот на материјали. Така, на вчерашната ревија го препознавме дизајнот на Росица, но во еден помладешки дух, со одлична усогласеност на старото и новото.
Впечатливи беа креациите со „пригушена“ варијанта на животински принт, како и оние што содржеа комбинација од повеќе материјали, односно текстури. Фустани што ја следат линијата на телото, комбинезони, панталони и палта во комбинација со женствени и тренди чевли, даваат можност за создавање на комбинации кои можете да ги носите во било кој дел од денот.
-Како и секоја сезона си задавам предизвик кој претходно не бил разработуван пред се во аспект на кројот. Моите колекции се препознатливи по архитектонскиот начин на градење на силуета, и повторно не го избегнав, но се обидов да добие ново светло и да се најде нова интересна силуета која ќе ме држи будна низ целиот процес на создавање. Принтовите се инспирацијата од 80-тите години, боите – вели Мршиќ.
Таа додава дека секогаш ја интригира можноста да направи спој од контрастни елементи во една колекција, присутен и овој пат.
- Во оваа колекција можеше да се види контрастот на тесна силуета, каде доминира припиеноста, донекаде и женската заводливост, до оној многу строг, машки крој на детали од крагна, машка кошула, палта со строг, дефиниран изглед. Постојано ги правам тие спојки на неспоивото. Сметам дека така се буди љубопитноста, затоа што ако нешто е очекувано, ние така и ќе реагираме – очекувано – изјави Росица.
Таа додава дека без оглед на тоа колку едно парче изгледа едноставно, си има своја тежнина, а во склад со тоа, секое го добило потребното внимание и време да се создаде. Моден викенд Скопје, нема да биде последната дестинација на парчињата за пролет-лето 2014.
-Во април ќе се претставиме на модната недела во Нови Сад, а понатаму ќе работиме и на нејзина продажба. Инаку, ме радува што оваа манифестација го држи континуитетот да биде присутна секоја сезона, и за почит е тоа да има настан кој што го презентира мак моден дизајн. Ме радува што секоја сезона има новитети и сметам дека целосната организација е многу добра.
Во изминатите шест дена од почетокот на модната манифестација, видовме 11 модни шоу-а и шест перформанси. Најголем дел од програмата им беше отстапен на младите модни имиња, а во наредните денови на Fashionel ќе читате комплетен осврт на последново издание на Моден викенд, како и тоа како изгледаше забавната страна на манифестацијата.