Вчеравечер во Младинскиот културен центар во Скопје, младата македонска креаторка Нела Тодоровска која твори зад етикетата „Mariguccha" нè изнесе надвор од стандардниот моден шаблон преку, за неа карактеристичниот, артистичен и неконвенцонален принцип на промоција на нејзините колекции.
Тргнувајќи од контекстот – модата е и психологија, Нела во својата нова есен/зима колекција го истражува кубизмот трансформирајќи го во повеќеслојни интерпретации што одговораат на авагнардниот современизам.
Резултатот е колекција која се базира на основни форми во кои акцентот е на функционалноста, носливоста и безродовата естетика - со индивидуализмот како заеднички предзнак.
„Почнувам од една минимална, чиста форма на кројка/конструкција која ја анализирам, подоцна ја деконструктивирам и повторно ја соединувам во ансамбл на тридемензионалност. Целата колекција содржи основни форми кои произлегуваат од човечкото тело и се трансформираат во геометриски форми кои имаат функционалност и се прилагодени на истото. Формата ја следи функцијата, слободен пресек на волумен и судир на повеќе форми во една. Сликата од Picaso „Госпоѓиците од Авињон" е еден пример за инспирација на оваа колекција, четири голи жени насликани една до друга, секоја во различна позиција од другата и нивните тела насликани во делови. Кубизмот го спојувам со модата од 20-тите години, односно, машката мода носена од жена. Во тоа време жена да носи панталони и тоа како не било опшествено прифатливо, се сметало за невкусно и обратно од тоа што е нормално. Прво почнале со панталони до колена, кои личеле на подпанталона. Се сметале за многу пријатни и функционални, се изјаснувале дека се добри за јавање, планинарење, тенис и играње голф, за подоцна да почнат да ги носат и оние жени кои не практикуваат спорт. Helmut Newton во една од неговите фотосесии прикажува фотографии во кои ја доловува машкоста во жената.
"The right woman dressed and made up like a man looks far more chic than any man possibly could." -Helmut Newton", вели дизајнерката во своето објаснување за концептот на колекцијата.
Тогаш и сега, облеката го идентификува човекот и неговата професија, психологијата се состои во модата како акцесоар на животен стил. Ненаситност и експериметирањето на модата доведува до една конфузност каде во денешно време е прифатливо машко да носи женска облека и обратно. Губење во граници и либералност на живот. Сега е времето во модата за кое што претходните генерации се обидувале да го сменат, а ние сега го живееме и е дел од нашето секојдневие.
Колекцијата содржи 20 целосни аутфити. Сите аутфити во колекцијата се двострани, носливи од лице и опачина. Имаат мултифункционалност и се носат на повеќе начини, а се наменети и за двата пола.