Сурферска опрема и тетоважи-принтoви во машката колекција на Dsquared2

24 јуни 2015

Близнаците Дин и Ден од брендот Dsquared2 се препознатливи по авантуристичкиот пристап во дизајнирањето на нивните колекции. Експериментирањето надвор од комфорната зона, овој пат резултираше со сурферска машка колекција која беше промовирана на актуелната Миланска модна недела.

Храбра, еклектична, колоритна и слоевита – колекцијата е модифицирана верзија на стилот на сурферите. Особено вниманието го привлекуваат принтовите со тетоважи на блузите, маиците, па и цели комбинезони, што е можеби и најсилниот печат на оваа линија.

Еден необичен тренд што го наметнаа новите колекции за мажи за следното лето, се деталите од тантела. Нетипично за машката мода, но дизајнерите очигледно се фиксираа на тантелата што во колекцијата на Дин и Ден е застапена минимално, но доста експлицитно како детаљ од боди што ѕирка под маиците и блузоните.

Слоевитиот аутфит вклучува кожени бермуди спарени со хеланки, тексас јакни, тетовирани ракави и предимензионирани мантили, финиширани со плетени капи и масивни ранци.

Објавено:
24 јуни 2015
Категорија: 
Колекции