Тантела и многу боја на првиот ден од Миланската модна недела

24 септември 2015

Првиот ден на Миланската модна недела помина во знакот на тантелата, бохо креациите, романтичните парчиња и колоритните ретро комбинации што на пистата ги прикажа Алесандро Микеле од Гучи кој тотално ги „збудале“ обожавателките на брендот.

Во неговата втора колекција за модната куќа, и повеќе од очигледно беше неговото подобрување во однос на идеите што овојпат зрачеа со многу боја, комбинации од палети, многу ретро моменти и сосема нормално – фантастични материјали.

Од она што можевме да го видиме на пистата и од коментарите на модните експерти и неговите обожаватели од првите редови, се чини дека ова ќе биде една од најпосакуваните колекции за следната, пролет/лето сезона.

Во најголем дел за креациите беше употребувана зелената и црвената боја како заштитни на брендот, а истите беа претставени преку долги фустани од шарена тантела, транспарентни кошули и фустани со фалти, фантастични комплети од здолништа и палта, но и супер пролетни мантилчиња и јакни со шармантен принт.

Што се однесува до обувките, најпосакувани и најприсутни беа неговите кожени влечки со крзно, но и одличните чанти во различни бои и супер форми.

Малку посмирена варијанта на колорит прикажа и секогаш одличната Алберта Ферети која нѐ почести со романтични фустани од тантела во кафени, крем и бели нијанси. Палетата на бои беше едноставно прекрасна и истата се движеше од нежен бел песок, па сѐ до пустински кафен и портокалов.

Во речиси цела колекција преовладуваа кусите и долги фустани од тантела, комбинирани со неодоливи палта во одлични бои. Покрај тантелата, дизајнерката за оваа колекција употреби и многу свила, висококвалитетен жоржет и лен кај одредени парчиња.

Како и секогаш, Ферети и овојпат понуди многу различни фустани од шифон кои беа како создадени за црвениот килим, украсени со транспарентни делови од тантела, комбинирани со масивен накит  и одлични обувки.

На првиот ден од Миланската модна недела своја ревија имаше и дизајнерката Стела Жан, која позната по колоритните комбинации, не избега многу од нејзиниот стил во креирањето.

Сите парчиња од нејзината колекција беа ултра шарени и забавни, едноставно соодветни за пролет/лето сезоната.

Како што и самата ќе каже, но и ќе забележиме од нејзината работа, инспирацијата таа и овојпат ја црпи од животот на племињата ширум светот, меѓу кои и оние во Африка, Северна Америка и Европа. На пистата видовме безброј колоритни здолништа, фустани со принт, здолништа и палта со подредени, шарени реси, многу риги, пепито и шарени топчиња прикачени за материјалите.

Речиси и да немаше парче во колекцијата што не го носеше нејзиниот печат, односно по некој шарен принт, многу боја, украс или рачно извезени и нацртани детали. Особено внимание кај неа привлекоа впечатливите обетки во вид на птици и жаби кои беа прикачени за ушите на моделите.

Подеднакво впечатливи беа и масивните очила што ги носеше речиси секоја манекенка, но интересни беа и чевлите што таа ги понуди, меѓу кои и колоритни влечки со што уште еднаш се докажа дека допрва ќе ги гледаме низ улиците.

Иако можеби модниот свет го однесе дождот од Лондон во Милано, првиот ден дефинитивно помина во знакот на сончевите зраци и забавата.

Објавено:
24 септември 2015
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
678 пати